Посетете ја, уживајте и зборувајте за убавините на Бислимска клисура

Природните убавини се заштитен знак на Македонија. Каде и да отидете во кој дел од земјта да се наоѓате, секаде ќе најдете нешто убаво. Некое место каде ќе уживате,  повторно каде ќе сакате да се вратите. 

Бислимската Клисура кај Куманово е тукму едно такво место, кое од ден на ден станува се поголема туристичка атракција. 

Во непосредна близина на градот Куманово, низводно од вливот на Кумановка во Пчиња, природата ја изградила прекрасната Бислимска Клисура, која по своите карактеристики е меѓу најинтересните во Република Македонија. Клисурата е долга само 7 км, но и на така мала должина има многу што да се види.

Пристапноста до Бислимската клисура е можна од неколку страни. Наједноставно се доаѓа преку исклучување од магистралниот пат Куманово – Св. Николе непосредно кај Орашачкиот мост, а потоа се следи течението на реката. Втората можност е од јужната страна – преку с. Пчиња, па се оди возводно на течението на реката. Но мора да се каже дека средишниот најинтересен дел на клисурата е сосема непристапен за било какво возило и може да се помине само со пешачење.

Длабокиот и импресивен кањон, бројните кратки но интересни пештери и пропасти, богатиот животински и растителен свет ја прават Бислимската клисура природен уникат на овој дел од Македонија.