Посакувате ли честитка во поштенското сандаче? - Порано тие имаа душа, денес Нова година се честита во инбокс

Се сеќавате ли кога последен пат добивте новогодишна честитка во вашето поштенско сандаче? А се сеќавате ли кога последен пат вие некому му испративте честитка по пошта? 

Ех, беа убави времиња, вака зборуваат сите кога ќе се спомене темата за испраќање и добивање на новогодишни честитки. 

Чичко Драги 15 години по ред продава честитки. Тој се сеќава на годините кога започнал, па споредува со денеска. 

-Порано не можев да постигнам. Купувачи колку сакаш. И најмлади и најстари. Имав преку 200 видови на честитки на својата тезга. Купуваа деца за на училиште, за другарчињата, за наставниците, за другарчињата од маалото, за роднините и пријателите. Купуваа и повозрасните. Со која позитивна енергија во себе се избираа овие картончиња, кои предизвикуваат нешто убаво во себе. А денеска, денеска дали едвај 20 ќе продадам. Го нема веќе тој дух. Денеска Нова година се честита со пораки, раскажува чичко Драги. 

Новогодишните честитки останаа спомен на едно убаво минато време, раскажуваат постарите.

Велат дека со нетрпение ги чекале празниците, за да честитаат на роднини и пријатели.  Честитките ги праќале неколку денови пред Нова година, со цел до 31 декември да стигнат на саканата  адреса, а се водело сметка и за илустрацијата на честитката која се испраќа. 

Сега се честита на социјалните мрежи или со смс порака.

-Кога бев дете, незамисливо беше да не се купат новогодишни честитки за цело одделение, или макар за најдобрите другарчиња и да им се стават во домашното сандаче, со топли и искрени желби за Среќна Нова година. Или пак, да се испратат по пошта, вели Моника. 

Но, да бидеме искрени, ништо не може да го замени чувството, возбудата кога испраќате, односно добивате честитка. Ништо не може да  ја замени насмевката од радост и изненадување, дека некој се сетил на вас. Честитката е искреност, не толку многу поради зборовите, колку поради фактот дека некој во моментот кога купува мисли на вас и ја бира според чувството за вас...

И од Македонски пошти објаснуваат дека опаѓа бројот на испратени честитки во последните 10 години.

Првата новогодишна честитка настанала и била испратена во Англија во 1843 година, а првата Божиќна поштенска марка настанала во Канада, во 1898 година.