Порталб: Се ближат новогодишните празници – дали замрзнатите цени на храната ќе ја „одмрзнат“ трпезата?

Цените на основните прехранбени производи „замрзнаа“, но оваа мерка засега е со важност до крајот на јануари. Економистите велат дека привремено стандардот ќе се заштити, но мерката може да има и контраефект, пишува „Порталб“.

Домашните и странските прогнози упатуваат на тоа дека ценовниот раст ќе се прелее и на следната година. Оваа економска година, дел од производите достигнаа ценовен пик.

Празнично, потрошувачката ќе се зголеми, но граѓаните сепак ќе го „бројат“ секој денар

Она што се случува во европски и во светски рамки, веќе сериозно се чувствува и кај нас – пораст на цените на прехранбените производи и на горивата. Владата ги замрзна цените на основните прехранбени производи, но дали мерката е навреме донесена и дали ќе помогне барем да се преброди најдолгиот месец во годината – јануари? Граѓаните речиси со ист став – добро е што цените се замрзнаа, ама откако дел од производите значајно поскапеа.

„Еве се ближат новогодишните празници. Рафтовите се полни со производи, ама сè е поскапено. Добро е што се замрзнаа цените на зејтинот, брашното, шеќерот, ама тоа се случи откако цените скокнаа“, вели скопјанката Снежана К.

„Имале – немале, за празниците мора да потрошиме некој денар повеќе. Деновиве очекувам цените да се зголемат и на зелените пазари, тоа се случува секоја година, ама годинава веќе поскапеа и други производи и не знам колку можеме да си дозволиме богата празнична трпеза“, вели Благој М. од Скопје.

Официјалната статистика го потврди она што го велат граѓаните – цените на храната во третиот квартал на 2021 година остварија годишен раст од 3,6 отсто.

Ги прашавме и производителите – зошто се зголемуваат цените на зеленчукот и на овошјето на зелените пазари?

„Цел ден сме на пазар. Луѓето прашуваат за цени, купуваат во мали количини, прометот ни е намален. Што да правиме – и нашите трошоци се зголемени, за семиња, за вода, за бензин, нафта. Стана многу тешко“, вели производител на зеленчук од едно од скопските села. 

Целата анализа на следниов ЛИНК