„Порта кон иднината, мост кон светот – мотото кое нè водеше сите овие 15 години и нè држеше силни да истраеме до целта“ – интервју со Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија

фото: Економија и бизнис

Оваа година, ТАВ Македонија одбележува 15 години успешно присуство на македонскиот пазар. Во овој период, компанијата не само што ја трансформираше инфраструктурата на скопскиот и охридскиот аеродром, туку и ја зголеми фреквенцијата на патници за повеќе од пет пати, воведувајќи нови дестинации, иновации и стандарди на квалитет.

Во интервју за Скопје Инфо, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, зборува за најзначајните постигнувања на компанијата, клучните инвестиции, новите авиолинии, предизвиците од пандемијата, идните планови за скопскиот и охридскиот аеродром – и за својата лична професионална приказна поврзана со Македонија.

ТАВ Македонија годинава одбележа 15 години присуство во земјата. Како го оценувате развојот на авионскиот патнички сообраќај во овој период и кои се најзначајните достигнувања за компанијата?

Многу сум среќен што 15 годишниот труд, заложбите и вложувањата кои донесоа големи успеси на ТАВ Македонија, имавме прилика да ги прославиме со сите кои придонесоа да бидеме тука кај што сме. Овој јубилеј го заокруживме со голем гала настан, заедно со вработените, сестринските компании, партнерите во нашето работење, надлежните институции.  

Кога ќе се осврнам низ годините наназад, горд сум што има што да се каже.

Одвоивме над 300 милиони евра за капитални проекти кои овозможија земјава да добие два модерни и квалитетни аеродроми, а со тоа станаа препознатливи на светската мапа.

Инвестиравме во инфраструктура, вклучувајќи го новиот терминал на скопскиот аеродром, ВИП терминалот во Охрид, рехабилитацијата на пистата во Скопје, поставивме напредни системи за проверка на багаж, разните ИТ и технички системи без кои аеродромските операции не би можеле да функционираат.

Овие инвестиции го подобрија капацитетот, ефикасноста и квалитетот на услугите. Ја подобривме оперативната ефикасност, што е клучна карактеристика за нас, секаде каде што работиме, затоа што ние, како ТАВ Аеродроми трансформираме аеродроми, кои се гломазни управувачки системи, од државен, во приватен модел на управување.

Покрај ова, ТАВ Македонија оствари значително економско влијание - придонесувајќи со над 160 милиони евра преку концесиски такси, даноци, стимулации за авиокомпаниите и плати. На двата македонски аеродрома, ТАВ Македонија заедно со своите сестрински фирми – BTA (храна и пијалаци), ATU (безцарински продавници), TAV MOS (комерцијални и primeclass услуги) и TAV Tecchnologies (ИТ услуги), вработува над 1000 луѓе, од кои најголемиот дел се локални вработени.

Меѓу 2010 и 2025 година, патничкиот сообраќај на аеродромите во Скопје и Охрид го зголемивме петкратно, од 640.000 во 2009 година на 3,2 милиони во 2024 година. Овој пораст е резултат на нашите успешни напори за привлекување клучни авиокомпании и воведување на над 40 нови дестинации, значително подобрувајќи ја меѓународната поврзаност за деловни, туристички и рекреативни патувања.

Ако треба да ја сумирате приказната на ТАВ Македонија во една реченица, која би била таа?

Порта кон иднината, мост кон светот. Ова е мотото кое нè водеше сите овие 15 години и нè држеше силни да истраеме до целта.

ТАВ Македонија и скопскиот аеродром добија бројни признанија. Колку е предизвикувачки да се менаџира ваква компанија во услови на пазарни турбуленции, како пандемијата или економските кризи?

Да, ТАВ Македонија постојано се закитува со вредни награди кои докажуваат за нашиот висок квалитет на аеродромските услуги.  

Скопскиот аеродром 10 пати досега ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги ASQ (Airport Service Quality) од Meѓународниот Совет на Аеродроми – ACI, што е светски репер за квалитет на аеродромските услуги.  Ова признание е одраз на мислењата на патниците, бидејќи се доделува врз основа на анкетите коишто се спроведуваат на патниците во заминување. Така, за 2012, 2015, 2013 и 2018 ја добивме ASQ наградата Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022 и 2023 ја добивме истата ASQ награда – Најдобар аеродром во Европа, но во големината 2 до 5 милиони патници годишно, бидејќи бројот на патници ни порасна и автоматски почнавме да се натпреваруваме со таа група на аеродроми во Европа. За 2024 година, повторно врз основа на анкетирањето на нашите патници ACI ни ја додели наградата Најпријатно аеродромско искуство во Европа во својата големина.    

За нас, сите овие награди се уште една потврда дека сме на вистинскиот пат со управувањето на двата аеродроми. Нашите напори во лидерството, донесувањето одлуки базирани на податоци и дигиталната трансформација, исто така, ја зголемија вредноста на вработените и ѝ донесоа на ТАВ Македонија признание за „Најпосакуван работодавач во 2023 година“ во категоријата Транспорт и логистика, како и сертификацијата што ја добивме годинава „Одлично место за работа“ (Great place to work).

Турбуленциите како Ковид пандемијата беше еден тест за сите луѓе на планетава. Ковид кризата нè поучи да научиме да бидеме посилни во иднина. За нас тоа беше голем предизвик, со кој се соочи целиот свет, а кој имаше огромно влијание и на авиосообраќајот. Но, со постојана работа, вложувања, стратегија за привлекување на нови линии и инвестиции на двата аеродроми и на Меѓународниот аеродром во Скопје и на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, можам да кажам дека успешно се справивме со сите кризи кои ги наметна оваа пандемија. Нашите вложувања дадоа голем резултат, но би сакал да посочам дека од големо значење за нашиот развој е и постојаната поддршка која ја добиваме од Владата, особено од Mинистерството за транспорт.

  Работиме многу напорно за нови авиокомпании да можат да почнат да летаат од нашите аеродроми и верувам дека тоа ќе ни овозможи зголемување на присуството на нови дестинации од двата аеродроми.

Доказ дека се движиме по вистинскиот пат е и податокот што секоја година бележиме зголемување на бројот на патниците на дата аеродроми. Кога дојдовме во Македонија, имавме 600.000 патници, а лани, во 2024 достигнеме 3,2 милиони патници.

Кој е Неџат Курт приватно? Од каде потекнува вашата поврзаност со Македонија и љубовта кон авиосообраќајот? Со кои предизвици се соочувате во секојдневното менаџирање на ваква важна инфраструктура?

Приватно сум сопруг и татко на два сина. Роден во Хамбург, Германија, потекнувам од многу либерално турско семејство кое живее во Германија од 1970-тите години, а турскиот јазик го научив течно по мојата 10-та, 11-та година, бидејќи германскиот јазик отворено се користеше во нашето домаќинство, се разбира понекогаш и против противењето на мојот татко (се смее). Во авијацијата сум 25 години, со искуство стекнато работејќи за групацијата ТАВ Аеродроми низ целиот свет. Почнав на аеродромот Ататурк во Истанбул како дежурен службеник, а потоа како службеник во кулата на земјените операции, каде што ги планирав местата за паркирање авиони. Откако станав еден од првите менаџери што ТАВ Аеродроми ги испратија на странски пазари, се преселив во Грузија, Тбилиси, за проектот за аеродромите што го добивме под концесија - аеродромите Тбилиси и Батуми. Дојдов во Македонија во 2008 година, како еден од експертите на ТАВ Аеродроми за проектот за концесија на македонските аеродроми. По две години работа на скопскиот аеродром, во 2010 година бев назначен за менаџер на охридскиот аеродром за да ги надгледувам градежните работи што беа планирани според договорот за концесија, а потоа во 2012 година бев назначен за менаџер на скопскиот аеродром, каде што ги управував сите аеродромски операции во главниот град на Македонија. Во 2014 година заминав за Саудиска Арабија - Меѓународниот аеродром „Медина Принц Мохамед бин Абдулазиз“. Таму го организирав преминот од стариот во новиот аеродромски терминал, пишувајќи, подготвувајќи и изменувајќи го планот за транзиција. Во 2016 година, групата ми додели нова улога - координатор на ORAT, т.е. координатор за оперативна подготвеност и трансфер на аеродромот во терминалот и јавната зона на аеродромот во Загреб во Хрватска. Таму работев заедно со француската групација ADP за да обезбедам успешна транзиција и работење на аеродромот, сè до завршувањето на изградбата на новата терминална зграда. Аеродромот во Загреб беше пуштен во употреба во 2017 година. Во август 2017 година, станав координатор за аеродромски операции за трите аеродроми што нашата групација ТАВ Аеродроми ги зеде под концесија од Кралството Саудиска Арабија, по што следеше улогата на претседател на Комитетот одговорен за дигитализација на аеродромите на аеродромот Медина во 2018 година. На крајот на 2018 година, се вратив во Македонија како координатор за аеродромски операции, одговорен за целокупното оперативно работење на аеродромите во Скопјe и Охрид. Во првиот квартал од 2019 година, бев назначен за заменик-генерален директор за операции на ТАВ Македонија, а од 1 мај 2023 година сум генерален директор на ТАВ Македонија.

Во Турција, дипломирав менаџмент во туризам и угостителство во Текирдаг, а во моите рани дваесетти години работев во угостителскиот бизнис и продажба во Анталија, пред да аплицирам за работа во ТАВ Аеродроми, која тогаш беше нова компанија во Турција. Бев регрутиран од тогашниот директор за човечки ресурси, кој виде потенцијал во мене бидејќи покрај турскиот како мајчин јазик, течно зборував и германски и англиски јазик. Ја сакав работата на аеродромот уште од самиот почеток и постепено напредував во кариерата. Изложеноста на различни култури и менталитети на луѓето од млада возраст ми помогна брзо да се прилагодам на новите средини и новонастанатите ситуации, што е огромна предност во моето работење за ТАВ Аеродроми, кој управува со 15 аеродроми во 8 земји, од кои јас работев на 7 аеродроми.

Покрај тоа што сум исклучително зафатен со управувањето со двата македонски аеродроми, во последната година се фокусирам и на професионалните МБА студии по менаџмент во воздухопловството, кои ги посетувам во Кремс, Австрија, со цел понатамошен професионален развој во областа во која работам.

Постојат предизвици, но многу е важно во животот да го сакаш она што го работиш. Ја сакам и ја ценам областа во која работам и пристапувам кон секој предизвик со целосна посветеност. А кога имаш ентузијастички пристап како мојот, сè се надминува со леснотија.

По сите овие искуства во различни земји и култури во рамките на групацијата ТАВ Аеродроми, работата во Македонија ме исполнува најмногу затоа што моето семејство е тука. Мојата сопруга Елена и децата се главната причина зошто се заљубив во земјата и луѓето уште од првиот контакт со македонската култура. Освен моето семејство и мојата работа, многу ме интересира уметноста и во слободното време кога имам можност сакам да сликам. Сликањето и возењето мотор низ Македонија се две активности кои ме опуштаат. Исто така, љубител сум на винската индустрија и колекционер на квалитетни вина.

Како ги оценувате новите директни летови од Скопје – како што се оние до Париз, Барселона и Лион? Колку се барани и какво влијание имаат врз поврзаноста на Македонија со светот?

Овие 3 нови дестинации, Париз, Барселона и Лион се вистинско освежување за нас како ТАВ Македонија, за патниците, особено сега во летната сезона.

Париз и Лион се сосема нови дестинации, а она што особено ме радува е тоа што успеавме да исполниме едно од најчестите барања на патниците, а тоа е повторното поврзување на Скопје и Барселона.

Директното поврзување на Скопје со секоја од овие дестинации значи уште една можност плус за нови истражувања, запознавања на нови култури, нови видици за нашите патници, но и можност за туристите кои ќе посетат земјава да видат сите убавини кои ги нуди. Воведувањето на овие нови авиолинии е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери, Владата и секако – авиокомпаниите кои потврдуваат дека ја гледаат иднината токму кај нас.

ТАВ посветено работи на развојот на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, вклучувајќи и најавена реконструкција. Кои се очекуваните придобивки за патниците и туризмот, и кои нови дестинации се во подготовка?

Подготвителниот процес за реконструкција на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид е веќе започнат, а наскоро активно ќе започнеме со работа. Во овој проект вложуваме 2,7 милиони евра, средства со кои ќе направиме еден подобар простор како за патниците кои транзитираат низ овој простор, така и за вработените на аеродромот кои остануваат со саати на своите работни места. Го зголемуваме внатрешниот капацитет, ќе отстраниме некои канцеларии од внатрешноста за да го направиме целосно фокусиран на патниците и ќе изградиме надворешен објект каде ќе имаме доволно простор за канцелариите, кујна и цел оној простор кој првенствено ќе го користат нашите вработени и како и вработенитево во Полиција и Царина.

Процесот на реконструкција на охридскиот аеродром нема да пречи во секојдневната работа и проток на патници, детално ги земавме во предвид сите сегменти за да може да функционира аеродромот. Реконструкцијата ќе се одвива во неколку етапи, а очекувам целосно да заврши до март 2026 година.

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ од 27 март е директно поврзан со Истанбул преку авиокомпанијата Turkish Airlines. Летовите се одвиваат 4 пати неделно.

Од аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, во текот на летната сезона на летови во 2025 година, ќе има 7 редовни летови со 6 авиокомпании, односно ќе има летови до Белград со Air Serbia, Цирих со две авиокомпании – Chair Airlines и Edelweiss и Амстердам со TUI Fly, Истанбул со Turkish Airlines и Виена, Дортмунд и Меминген со Wizz Air. Дополнително, според последните информации што ги добивме како аеродромски оператор, TUI ќе лета со еден чартер лет од Манчестер.

Како се позиционира ТАВ Македонија во споредба со другите аеродромски оператори во Западен Балкан? Кои се вашите стратешки приоритети во иднина – како привлекување нови авиокомпании, подобрување на искуството на патниците, или нови иновативни проекти како терапевтското куче Дино?

Ако ги погледнеме соседните региони и што се случува таму, во однос на аеродромите и приватизацијата, Македонија е прва во регионот која се одлучи за оваа опција. Соседните земји штотуку почнаа, што значи дека можат да вложат многу пари, да растат, бидејќи имаат доволно време за враќање на инвестициите. Нашето време за враќање на средствата е многу кратко. Затоа, подготвивме мастер-план кој опфаќа цели за развој на двата македонски аеродроми на долг рок. Целта е дополнително да се развие авиоиндустријата во Македонија и двата аеродроми да бидат регионални авијациски центри, конкурентни во поширокиот регион.

Во врска со кучето Дино. Зен кучето е проект кој се покажа како многу ефикасен затоа што патниците реагираат многу позитивно и среќни се што имаат можност да се дружат со кучето, непосредно пред да летаат со авион, состојба која не е секогаш пријатна за секој човек.

Првиот пат кога Дино дојде, многу луѓе му пријдоа и ни кажаа дека се зачудени од идејата. Кога објавивме за Дино на социјалните мрежи, луѓето реагираа позитивно, пишуваа коментари за поддршка и прашуваа дали Дино живее овде и најавувајќи дека би сакале да го видат. Слични практики има и на други аеродроми во светот, иако не е премногу, но во нашата групација ТАВ аеродроми, која оперира со 15 аеродроми во 8 различни земји, Меѓународниот аеродром Скопје е првиот и единствен аеродром што имплементирал ваква практика со цел да го подобри задоволството на патниците.