Од еколошкото здружение, иницијативата О2, алармираат за уште едно место во врвот по најлоши нешта, на нашата земја.
- Шампиони по аерозагадување и лидери во светот по број на пушачи во земјава, со 48,4% од возрасните, според надворешно истражување од 2019 или 45.4% според ИЈЗ објавено во 2024. Катастрофално поразително, нагласуваат оттаму.
За споредба, светскиот просек за 2025 се проценува на 15.4%.
- Додека светот се движи во насока на заштита на здравјето и подобрување на квалитетот на живот, ние се урнисуваме сè подолу и подолу. 4.000 луѓе умираат во земјава годишно од пушење, според СЗО. Јавните институции имаат реа на застоен мирис од цигари, иако според закон таму не смее да се пуши. Но нема кој да казнува. Се пуши во затворени тераси, во ресторани…. Додека светот го затегнува обрачот околу пушењето, ние го олабавуваме. И стигаме до неславниот врв. До кога вака?! - прашаа активистите од О2 и ги прозваа Министерство за здравство, Владата и премиерот.
Тие во својата објава на фејсбук направија споредба со неколку европски земји:
- Од 1 јули во Франција се забранува пушењето на сите отворени јавни простори каде децата, младите се социјализираат, како училишни зони, паркови и градини, плажи, спортски терени, автобуски постојки и др. Според министерката за здравје, пушењето мора да исчезне онаму каде се децата и слободата на пушење запира, каде правото на децата да дишат чист воздух започнува. Казната за пушење во овие зони ќе биде €135. Инаку, стотици плажи во Франција веќе имаат забрана за пушење, како и детски игралишта. Целта е до 2032 да имаат генерација на непушачи.
- Шпанија најави нова забрана за пушење која ќе ги опфати отворените тераси на рестораните и кафулињата, универзитетските кампуси, отворените простори пред ноќните клубови и други објекти за забава, службените возила и возилата за достава, училишните дворови и отворените образовни простори, отворените настани, спортските објекти и терени, базените, автобуските постојки. Забраната ќе ги вклучи и електронските цигари. Околу 700 шпански плажи имаат забрана за пушење, со казни и до €2000.
- Шведска од 2019 има забрането пушење на отворено на тераси на угостителски објекти, автобуски постојки, игралишта, пред влезовите на јавни објекти.
Според УНИЦЕФ, 62% од младите кои имаат пријатели пушачи започнуваат и самите да пушат, а дури 79% ако родителите има се пушачи. Околу 90% од пушачите започнале да пушат пред 18 годишна возраст.