Поранешниот капитен Перо Антиќ и плејмејкерот Лестер Бо Мекелеб се враќаат во репрезентацијата

Кошаркарската репрезентација на Македонија со денешниот прв собир официјално ќе ги започне подготовките за претквалификациите за Светското првенство кои ќе се стартуваат во август.

Селекторот Јорданчо Давитков, заедно со своите стручни соработници Александар Јончевски и Љупчо Малинков ќе прозива денеска во Вип арената „Борис Трајковски" со почеток во 19:00 часот. На поширокиот список се најдоа и поранешниот капитен Перо Антиќ, како и плејмејкерот Лестер Бо Мекејлеб, за кои е неизвесно дали би се појавиле на првата прозивка, или пак ќе бидат избришани при првото кратење на списокот. 

Сениорите ќе тренираат во Скопје се до трети јули кога привремено ќе се преселат во Маврово. По осми јули, сениорите повторно се враќаат во Скопје каде и ќе одиграат неколку пријателски натпревари.

На 10-ти и на 11-ти јули, репрезентацијата на Македонија ќе си ги одмери силите против соодветната селекција на Словачка, на гостински терен. На 15. јули Македонија ќе ја нагости Бугарија во Скопје. Потоа следи турнирот „Трофеј Македонија" кој ќе се одржи во Скопје. На 20. јули македонската репрезентација ќе се надигрува со Португалија, ден подоцна против Холандија, а турнирот ќе биде затворен со натпревар против Босна и Херцеговина. Последен пријателски натпревар на нашите најдобри репрезентативци во рамки на подготвителниот период ќе биде на 28. јули во Бугарија.

Во рамки на групата "Ц", македонската репрезентација ќе се бори против селекциите на Косово и на Естонија за место во квалификациите за Светското првенство што во 2019 година ќе се одигра во Кина.

СПИСОК НА КОШАРКАРИ ПРИЈАВЕНИ ВО ФИБА:

1. Војдан Стојановски

2. Горјан Марковски

3. Бојан Трајковски

4. Александар Костоски

5. Марко Симоновски

6. Кирил Николовски

7. Бојан Крстевски

8. Марјан Јанески

9. Перо Антиќ

10. Стојан Ѓуроски

11. Игор Пенов

12. Владимир Брчков

13. Ненад Димитријевиќ

14. Бобан Стајиќ

15. Љубомир Младеновски

16. Кристијан Николов

17. Адем Мекиќ

18. Александар Штерјов

19. Предраг Пајиќ

20. Андреј Маслинко

21. Ѓорѓи Чековски

22. Михајло Митев

23. Џордан Теодор

24. Лестер Бо Мекелеб