Поранешен затвореник станал заменик директор на затворот „Идризово“, обвинува Левица

Поранешен затвореник обвинет за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични супстанци е нов заменик директор на затворот „Идризово“. Од политичката партија левица обвинуваат за нерегуларности во поставувањето на директор на казнено поправните домови.

„Имено, по предлог на в.д. директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов (кој противзаконски е назначен на оваа функција), предложен е Ибрахим Ељези за в.д заменик директор на КПД Идризово. Ова лице било осудено и лежело повеќе од 4 години затвор за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични супстанци! Кадарот од коалицијата ВРЕДИ, којшто нема ниту соодветно образование, ниту пак исполнува некој од условите за оваа функција, назначен за в.д. заменик директор од Мицкоски, затворската казна ја отслужувал токму во КПД Идризово.“, се вели во соопштението на Левица.

Тие додаваат дека при формирањето на владиниот состав, граѓаните биле сведоци како Мицкоски во својот кабинет сместува луѓе од поранешни кадри на криминалната влада на СДС, до милионери коишто не знаат македонски јазик.