Порака за луѓето кои ни недостигаат

Секој од нас има некого кој го нема.

Photo by John Jennings on Unsplash

На сите нас ни недостасува барем една личност која сме ја изгубиле од различни причини. Без оглед на тоа дали станува збор за родител, брат или сестра, пријател или бивша љубов, секој од нас носи убави спомени за една личност која е посебна во нашиот живот.

Можеби ни недостасува времето кое сме го поминале со нив, среќата која сме ја споделувале заеднички или пак личноста која сме биле во нивното присуство. Посакуваме повторно да го почувствуваме тоа, но ни се чини невозможно бидејќи никој на светот не е како нив.

Животот ни носи милион различни искуства и секое од нив е различно едно од друго. Ние самите сме како различна личност во сите тие ситуации и друштво на различни луѓе. Некои луѓе секогаш ќе ни недостасуваат, но нема да си помогнеме себеси ако седиме заглавени за минатото, посакувајќи тоа да се врати. Минатото никогаш нема да се врати, а веројатно ниту личноста која толку силно ја посакуваме.

Во одредени случаи, многу луѓе ќе посведочат дека и кога тоа ќе се случи, станува збор за две сменети личности и ништо не е исто како што било порано.

Но, колку и да звучи чудно или клише, убавината на животот е токму во тие различни луѓе кои доаѓаат и си заминуваат од нашиот живот и во сознанието дека ништо не е вечно. Можеби кога тоа ќе го сфатиме и прифатиме, конечно ќе научиме да ги цениме луѓето, да го цениме секој момент поминат со нив и да не си велиме дека ќе направиме нешто некогаш во иднина, тогаш кога би било предоцна.

Кога ќе сфатиме дека одредени луѓе се во нашиот живот само во мал дел од него, ќе научиме да го живееме животот со целиот наш потенцијал, да не се плашиме  и да не чекаме. Токму така и ќе ги создаваме најубавите спомени, а штом една личност ќе ја снема од нашиот живот нема да се каеме и да речеме : што би било кога би било. Ќе знаеме дека ни било убаво.

На сите нас секогаш ќе ни недостасува барем една личност, но можеби е време да научиме да ги цениме луѓето додека се  присутни во нашиот живот и да живееме, да уживаме, вистински да живееме и да се радуваме!