Порака за декември: Бидете добри кон себе

Декември секогаш пристигнува со чувство дека нешто треба да се заокружи. Не затоа што месецот е последен, туку затоа што годината полека го остава својот отпечаток врз нас.

Photo by Aaron Burden on Unsplash

Овој месец нè повикува да не бркаме уште цели, уште докажувања, уште обврски; напротив, нè повикува да погледнеме што носевме со себе премногу долго. Декември е време за искреност со себе: кои кругови ги затворивме, а кои тврдоглаво ги оставивме отворени надевајќи се дека ќе станат нешто што не се? Која болка ја влечевме низ сите месеци и сега конечно имаме храброст да ја оставиме таму каде што не ѝ е место? Овој месец доаѓа со зрелост, не со брзање.

Во декември се гледа јасно што ја троши нашата енергија, а што нè прави смирени. Гледаме кои разговори нè заморуваат, кои луѓе нè научија на стрпливост, кои избори нè враќаат кон себе, а кои нè оддалечија до степен да се прашаме кои сме станале. Крајот на годината не е список за постигнувања, тоа е како огледало. Во него се гледа сè: каде се преработивме, каде бевме премногу строги со себе, каде ја пропуштивме шансата да станеме поблаги. Во него се гледа и растот, оној тивок, што никој не го забележува, но ние го чувствуваме во начинот на кој реагираме, простуваме и чекориме.

Декември е време да ги отфрлиме нештата што не нè придвижуваат напред. Некои односи не успеале, и тоа е во ред. Некои очекувања не се оствариле, и тоа е дел од живеењето. Некои соништа нè исцрпеле повеќе отколку што нè изградиле. Овој месец не бара од нас да се разочараме, туку да бидеме искрени: не се носи секоја идеја во нова година, не се носи секоја љубов, не се носи секој страв. Дел од зрелоста е да разбереме што треба да остане зад нас за ние конечно да продолжиме напред.

Photo by AHMAD HASAN on Unsplash

Но најважно од сè — декември нè учи да бидеме понежни кон себе. Да признаеме дека годината била тежок товар за многумина. Дека имало моменти кога не сме знаеле како да продолжиме, кога сме се чувствувале преплавени, непланирано осамени, загубени или премногу чувствителни за свет кој постојано бара сила. И во таа искреност има нешто ослободувачко: не мораме да бидеме совршени, мораме само да бидеме свои или да направиме напор да се вратиме кон себе, кон она што ни е важно. 

Декември е месец во кој се собира сè, но се носи понатаму само она што нè научило да бидеме подобри луѓе. Затоа затвори ги круговите што ти ја јадат мирноста. . Ослободете се од идејата дека мора да ја завршите годината со спектакл. Понекогаш најголем триумф е тивко да кажеме: „Ова беше доволно. Во ред е.“

И запомнете — не одете со полни раце во новата година.

Одете со чисти намери, чист воздух во градите и со чувство дека го носите само она што вреди.