Порака вирално се шири до родителите: Научете ги децата дека искористениот ранец ги носи истите соништа како и новиот!

Во пресрет на учебната година, која стартува следната недела, на социјалните мрежи вирално се шири порака која апелира родителите да посветат барем малку време во име на детската меѓусебна емпатија! 

Има различни деца, но родителите се тие кои треба на своите да им воочат дека човечки е да не се прави разлика! 

Ви ја пренесуваме пораката, која допре до многумина, во целост: 

"Наскоро почнува учебната година , затоа Ве молам, ако имате можност, седнете со вашето дете 5 минути и објаснете му дека има деца:

високи, ниски, буцкасти, слаби,

некое носи очила, има дијагноза,

можеби е црно или бело или поинаку се облекува.

Дека религијата и нацијата не влијаат на дружењето и пријателството со секое едно од нив и се подеднакво вредни.

Научете ги децата да не се потсмеваат со никого!

Нема ништо лошо во тоа да носите исти чевли секој ден.

Објаснете им дека искористениот ранец ги носи истите соништа како и новиот.

Научете ги да не одбиваат никого

затоа што се „различни“ или

затоа што немаат исти можности како другите.

Објаснете им и дека подсмевањето боли...

Да ги научиме децата на време да бидат луѓе!"