Порака на денот: Вистината е дека не е важно што другите мислат за вашиот живот

Сите ние го цениме туѓото мислење. Но, проблемот настанува кога тоа ни е најважното нешто во животот.

Photo by Krists Luhaers on Unsplash

Некогаш се доведуваме во ситуација да се сомневаме во себеси и да заборавиме на тоа кои сме и што сакаме да бидеме, бидејќи веруваме дека туѓото мислење е клучно. Секоја негативна мисла која ни струи во главата доаѓа од уверувањето дека другите мислат дека не живееме добро и дека треба да промениме нешто.

Но, треба да знаеме една работа: Ако нешто треба да се промени во нашиот живот, ние сме единствената личност која има право на тоа.

Не се убедувајте себеси во уверувањата кои ви се наметнати од другите луѓе, бидејќи секој на овој свет има свој пат, свои мисли, вредности, начини на однесување. Но, тоа што е една вистина за една личност, не значи дека е универзална вистина во која треба да верувате.

Слушајте ја својата интуиција, слушнете ги и туѓите совети и мислења, но не дозволувајте да носите одлуки базирани на тоа што другите сметаат дека е најдобро за вас. Така, никогаш нема да бидете среќни. Не се плашете да правите грешки, бидејќи судот на другите не е важен, особено не на оние кои ништо не прават во својот живот, а се први кога треба да се осуди и оцрни друга личност.

Живејте со другите, барајте и давајте поддршка, но не се потпирајте на тоа што тие веруваат дека е вистинско за вас. Повеќето луѓе не знаат што е најдоброто за нив, како воопшто би го знаеле тогаш тоа за вас? Не им давајте толкава моќ.

Знајте ја сопствената вредност и ценете се себеси. Со колку порази и да се соочите, знајте дека сте пробале, сте преземале ризик и сте живееле. Ова воопшто не значи дека другите треба да ги избришете од својот живот или пак да се оддалечите од нив, туку само да не им ја давате моќта тие да го креираат вашиот живот и вашата вистина.

На крајот на денот, не е важно што тие мислат за вас. Најважното е што вие мислите за себеси и каде ја наоѓате радоста.