Порака на денот: Секој човек има своја вистина

Многу често сакаме да веруваме дека ние сме во право. Често мислиме дека нашите реакции се најисправни, дека нашиот светоглед е вистинскиот, дека другите се оние кои грешат или кои нам ни згрешиле и точка, нема повеќе дискусија тука.

Но, колку често сте се обиделе да се ставите во кожата на другиот човек? Колку често сте се запрашале дали и вие на некој начин сте ја повредиле таа личност?

Секој човек има своја вистина, своја приказна, своја страна. Со тоа што секогаш слепо ја гледаме само нашата страна и нашите факти, пропуштаме да видиме многу работи кои не сме ги забележувале, работи кои можеби длабоко влијаеле на другата личност, а ние заслепени од сопствените однапред донесени судови, едноставно сме донеле пресуда, земајќи ги предвид само нашите аргументи. Па така секако дека секогаш сме во право и дека секогаш ќе излегуваме како победници во тие битки!

Луѓето често истовремено се однесуваат и како обвинители и како судии, а во таа ситуација, другата страна однапред ја изгубила битката без шанса да се одбрани или да ги прикаже своите факти.

И така, сите си пловиме по нашите мориња, несвесни за тоа како нашите постапки влијаат врз другите.

Не ја занемарувајте вистината на другите луѓе, слушнете ги нивните факти, ставете се во нивна кожа, навистина ќе се изненадите од тоа што ќе го дознаете!