Порака на денот: Никогаш не ги бркај луѓето, вистинските одат покрај тебе, не пред тебе

Понекогаш најточните вистини не ги добиваме од модерни прирачници, ниту од мотивациски видеа, туку од едноставни реченици што звучат како да ги изговорил некој што одамна престанал да се натпреварува со светот.

Photo by Jonathan Borba on Unsplash

Такви се лекциите што кружат како „совети од деведесетгодишен монах“, мисли што немаат потреба од автор за да бидат валидни, затоа што зборуваат за искуства кои сите ги носиме во себе. Тие се сурови по искреност, но не со цел да повредат; туку да те приземјат. Да те потсетат дека многу болки не се судбина туку навика, и дека мирот не е мистична состојба туку серија одлуки што или ги правиме или ги одложуваме.

Ова се лекции за луѓе уморни од трчање по други. За оние што не можат повеќе да поднесат да ја намалуваат својата вредност за да станат поподносливи. За оние што на 30, 40, 50 години конечно сфаќаат дека мора да го претпочитаат сопствениот мир пред туѓото присуство.

Tокму затоа вреди да се задржиме на овие мисли, не како цитати, туку како огледало.

Никогаш не ги бркај луѓето — вистинските одат покрај тебе, не пред тебе

Не е храброст да бркаш, тоа е страв. Страв од тоа што ќе се случи ако конечно се соочиш со вистината дека некој не те избира. Дека некој не вложува. Дека некој не се мачи да биде тука. Вистинската сила е во дозволување. Во тоа да оставиш луѓето да покажат што сакаат, не што зборуваат. И кога ќе престанеш да бркаш, ќе видиш: малкумина остануваат, но тие малку вредат повеќе од цели гужви полни со празни зборови.

Стануваш она што го толерираш, секоја мала отстапка се собира во голема болка

Толеранцијата не е секогаш добрина. Понекогаш е начин на умирање на делови од себе. Секогаш кога ќе премолчиш, кога ќе се оправдаш, кога ќе свиеш, кога ќе кажеш „не е ништо“, а всушност е тоа дека правиш простор за нешто што подоцна ќе те скрши.

Стандардите не се каприц. Тие се единствената заштита од живот што не сакаш да го живееш по туѓи правила.

Колку што се смируваш, толку повеќе слушаш и тоа не секогаш е пријатно

Тишината не е бегство туку алатка. Во неа ги слушаме сопствените мисли без филтри. Таму забележуваме колку нешта нè бодат, колку навики нè исцрпуваат, колку луѓе нè користат. Тишината го засилува внатрешниот компас, па иако на почеток е непријатно, подоцна станува најдобриот сојузник. Така доаѓа моментот кога дури и нашите сопствени тригери „се заморуваат“ — затоа што веќе не им даваме реакција што ги храни.

Мирот е скап, но вреди повеќе од сѐ

Во зрелите години, една работа станува очигледна: мирот е најскапиот имот. Може да имаш работа, пријатели, партнер, планови — но ако секој ден се будиш во напнатост, ако секоја порака е нож, ако секој разговор е минирано поле, тогаш повеќе не живееш живот, туку толерираш хаос. Кога некој те чини мир, тоа не е љубов, туку зависност. А зависноста секогаш се плаќа со здравје, достоинство и време.

Времето е единствената валута што не може да се врати

Сите мислат дека имаат време. Токму поради тоа се расфрлаат со него. Но гледано со трезвеност, времето е единственото нешто што ако го потрошиш — нема поправен. Затоа и вреди да се вложува во луѓе што вложуваат назад. Во идеи што носат живот, не само исцрпеност. Во денови што направиле простор, не само трка.

Повеќето луѓе слушаат само за да одговорат, затоа  се раѓаат погрешни расправии

Современата комуникација е полна со луѓе што зборуваат за да победат, не за да разберат. А кога ќе го сфатиш тоа, престануваш да се трошиш во дискусии што немаат ниту логика ниту цел. Не е мудрост да ги убедиш сите. Мудрост е да знаеш кога разговорот е завршен уште пред да почне.

Егото вреска, душата шепоти, а ние обично го слушаме погрешното

Егото сака реакција, признание, аплауз. Душата сака мирна истина. Тешкото е во изборот. Повеќето животни грешки се направени во моменти кога егото било гласно, а душата премногу тивка.

Кога ќе се научиме да слушаме она што вреди, животот станува многу појасен. Помалку спектакл, повеќе стабилност.