Порака на денот: Не се прашувајте каде е среќата, таа лежи во вас

Сите имаме желби и замисли за некоја подобра иднина.

Ако ги прашаме дали се среќни, најголем дел од луѓето би рекле дека им недостасува барем едно нешто за да бидат сосема среќни. Но, кога би им го поставиле истото прашање, штом го добијат тоа што го посакуваат, повторно ќе го добиеме истиот одговор -  дека повторно им недостасува нешто.

Тоа е дел од човековата психологија. Но, едно нешто што треба да го знаеме е дека многу често во потрагата по среќа се губиме себеси и забораваме на малите и едноставни нешта кои носат големо значење во нашиот живот.

Ако претпоставиме дека некој посакува да најде љубов во својот живот и упорно трага по својата сродна душа, тогаш што ја спречува оваа личност да биде среќна сè додека не дојде до љубовниот однос кој го посакува? Многу луѓе кои имаат желби и потреби кои сакаат да им се остварат сега и веднаш, воопшто не живеат. Тие се опседнати со она што го сакаат, со споредбите со другите, со желбата за нешто што сметаат дека ќе ги исполни, но тоа воопшто не значи дека треба да заборават на сè останато.

Денеска, живееме во модерно време кога не си дозволуваме да најдеме среќа во убава шолја кафе, во мирисот на липите, летниот дожд или искрениот разговор со блиска личност. Сето тоа го поминуваме на брзина и само некаде летаме и брзаме.

Среќата постои во нас.

Таа се манифестира низ нашите мисли, нашите зборови и нашите постапки кон другите. Таа е наш избор кога имаме сосема обичен ден. Таа може да биде наш избор попладне откако сме имале лошо утро. Таа не доаѓа однадвор и од другите луѓе, туку потекнува од самите нас. 

Не велиме дека нема да имаме лоши денови и ситуации, не велиме дека не постои и нема да постои тага, но постои и избор и свесна намера, идеја да се биде среќен низ текот на денот преку различни нешта. 

Сите имаме потреба да бидеме среќни, но ретко кој од нас нурнува во себе да биде благодарен за тоа што има и да ужива во тоа. Ве охрабруваме, пробајте!