Порака на денот: Денеска е денот да се засакаме себеси!

Ако не сме успеале досега, можеби денеска е денот да го направиме тоа.

Да си направиме кафе и да погледнеме во далечината. Да ги смириме своите мисли, да го прегрнеме тоа што го имаме, да се потсетиме на тоа што сме го изгубиле. Да си кажеме дека тоа е тоа што нè прави луѓе.

Можеме да направиме пауза од паѓање и станување, само за миг. За миг да престанеме да се обвинуваме, време е да си кажеме дека таков е животот. Падни, стани. Напред, назад. Време е за миг да престанеме да се грижиме за утре и да си кажеме дека сè ќе биде во ред! Време е да погледнеме околу себе, но да погледнеме и во себе. Да го видиме сето тоа богатство кое го носиме и со кое го живееме овој живот.

Една голтка кафе, па уште една. Убав мирис во нашата соба.

Живи сме, здрави сме. 

Да се потсетиме за што живееме. Кои се нашите соништа, нашите желби, што ни носи возбуда во срцето, што ни дарува спокој пред спиење.

Време е да престанеме да гледаме назад. Време е да се засакаме себеси. Да почнеме да живееме.