Порака на денот: Да престанеме да ги мериме своите животи според туѓите, бидејќи не ја знаеме нивната приказна

Затоа што ниту патеките ни се исти, ниту товарот што го носиме. 

Постојано се споредуваме,  и тоа е човечки. Но ретко си признаваме дека споредбата е невозможна работа. Ние ги знаеме само сопствените недели на страв, замор, преголеми очекувања и молчења во кои некој не ни одговорил. Кај сите други го гледаме само резултатот. Го гледаме апартманот, патувањето, кариерата, врската. Никогаш не ја гледаме цената. И точно затоа споредбата секогаш работи против нас.

Животот не е трка, иако често се однесуваме како да е. Повеќе нè плаши да не „останеме зад“ отколку да останеме верни на себе. Сакаме да стигнеме до некоја точка која другите ја достигнале, а не гледаме дека тие трчале по терен кој не е наш. Твојата патека има свои падови, свои паузи, свои потреби. И не треба да личи на ничија туѓа.

Потребно е да правиме работи во сопствен ритам

Не затоа што звучи убаво, туку затоа што психолошки нема друг начин да издржиме. Кога се обидуваме да брзаме според туѓи темпа, неизбежно влегуваме во анксиозност, самокритика или во она чувство дека сме „помалку вредни“. Но вистината е проста: темпото на другите не е мерка за нашата зрелост. Тоа е само мерка за нивната приказна, а не за нашата.

Љубомората често е погрешна интерпретација

Луѓето не знаат што нè боли, а ние не знаеме со што тие се борат. Да бидеш љубоморен на нешто што го гледаш само однадвор е како да завидуваш на книга само по корица. Не го знаеш процесот, борбата, ноќите кога тие истите луѓе се чувствувале изгубено како и ти.

Да бидеш радосен за другите не значи дека себеси си одземаш нешто

Тоа само значи дека си свесен дека успехот не е универзална валута. И дека нечие „стигнување“ не го забавува твоето. Потребно е трпение – не романтично, туку практично. Потребно е да знаеме дека стравот од заостанување често е наследен од општество што не ни дозволува да дишеме ако не сме „во чекор“.

Времето не работи против нас

Тоа само работи по свои правила. Понекогаш животот се движи бавно за да нè заштити. Понекогаш нè забавува затоа што не сме подготвени за нешто што го посакуваме. И понекогаш нè држи на исто место сè додека не научиме да се движиме без да се понижуваме себеси.

Сè што треба да стигне – ќе стигне во моментот кога ќе имаш капацитет да го носиш. Не порано, не подоцна.

А нашата задача?

Да престанеме да гледаме во туѓи календар, туѓи чекори и туѓи победи. Да си го вратиме сопствениот ритам. Да му дозволиме на животот да се движи природно, без вештачко забрзување. И да знаеме дека вредиме и кога сме повлечени, и кога градиме од почеток, и кога сè уште се бараме.

Тоа е силата на животот што не се живее во споредба, туку во вистина.