Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ минатата недела затвори една од двете хируршки сали сали на новоотворениот Оддел за трауматологија, бидејќи има недостиг од медицински сестри и анестезиолози, пишува СДК.
Најпогодено од затворањето на салата е изведувањето ортопедски операции, каде мора да ги одложуваат закажаните пациенти. Дополнителен притисок се и пациентите со скршеници и разни други повреди, кои не може да чекаат и мора веднаш да се третираат.
Директорот на „8 Септември“ Кристијан Костов вели дека минатата недела биле принудени за затворат една од салите на новиот оддел, бидејќи им недостигаат анестезиолози и медицински сестри.
„Во моментов работиме со 9 анестезиолози, бидејќи 3 заминаа во пензија. Ни недостигаат и 40 медицински сестри за да можеме нормално да работиме. Освен на Oдделот за трауматологија, не работи и уште една од другите сали, така што од вкупно седум сали сега работат само пет“, вели Костов.
Новиот Оддел за трауматологија во ГОБ „8 Септември“ беше отворен на 7 септември 2018, кој е сместен во просториите што претходно ги користеше приватната болица Филип Втори. На отворањето на Одделот, за кој првично беше најавено дека ќе биде Траума центар, присуствуваше и премиерот Зоран Заев со сопругата Зорица. Тој тогаш кажа дека во новиот Оддел, кој е направен по најмодерни стандарди, се очекува да се лекуваат 2.000 пациенти.
Оперативниот дел според Костов, се одвива така што еден ден операции прави еден оддел, а следниот ден друг, односно нема прекин на хируршки зафати по специјалности.
„Имаме примено уште пет специјализанти, но тие во моментов се на специјализација на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување и со специјализацијата треба да завршат во мај“, вели Костов.
Тој кажа дека побарале одобрение од Министерство за здравство за вработување медицински сестри и дозвола да ангажираат еден од пензионираните анестезиолози.
„Од Министерството за здравство ни одобрија вработувања за 20 медицински сестри, сега чекаме да ни одобри и Министерство за фиансии. Разговарав вчера и најверојатно ќе ни одобрат да го ангажираме пензионираниот колега“, вели Костов.