Поради кадровски промени: Родители најавуваат бојкот во градинката „Кочо Рацин“

Повредени се правата на децата од првата мала група од градинката „Кочо Рацин“ во Скопје на кои без најава и образложение им е променета воспитувачката од страна на новата в.д директорка, без да се земе предвид мислењето на родителите и најдобриот интерес на децата, согласно член 3 од Конвенцијата за правата на детето, сметаат од Првата детска амбасада на светот „Меѓаши“. 

Затоа од оваа организација за заштита на правата на детето им даваат поддршка на родителите, кои на заедничка прес-конференција со „Меѓаши“ побараа институциите да не го игнорираат случајот и да реагираат во интерес на децата. Тие, велат родителите, се навикнати на својата воспитувачка и само што го завршиле процесот на адаптација. 

Родителите веќе се обратиле до општина Центар, под чија надлежност е градинката, од каде добиле одговор дека директорката одлучува за кадровските промени. Од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, не добиле одговор, по што се обратиле до Одделението за заштита на децата во МТСП.

Инспекторката од ова одделение, рече Јована Андововска, еден од родителите, била дрска и рекла дека единствено е важно оти децата се згрижени во градинката и оти децата ќе се адаптират и на новата воспитувачка.

Родителите мислат дека, откако институциите, не покажале никаков интерес јавното обраќање е можеби начин тие да се натераат да реагираат во интерес на децата.

Драги Змијанац, од „Меѓаши“, им препорачува да се обратат и до Народниот правобранител. Граѓанската организација, вели, ќе ги поддржи сите родители кои се соочуваат со вакви случаи кога се повредени правата на децата.  

Повеќето родители децата не ги носат во градинка се додека, како што велат, не се реши проблемот, а оние родители, пак, кои немаат можност за чување, ги испраќале своите деца во градинка со порака на ранче дека ја бараат својата воспитувачка.