Поради дождовите ЦУК со апел за редовно чистење на локалните одводни канали

Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало вкупно 1.704 повици на  Единствениот број за итни случаи 112.

-Од нив „реални“ повици биле 61 отсто, а 39 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 62 отсто, кон Итната медицинска помош 35 отсто, кон пожарникарите 2 отсто, а кон АМСМ 0,36 отсто од реалните повици кон 112, соопшти ЦУК.

Во последното деноноќие имало четири пријавени пожари на отворено, покрај пожари во урбани средини и населени места, на територијата на државата.

Регионалниот ЦУК Битола информира дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Битола вчера од 18:35 до 21:20 часот со едно противпожарно возило и тројца пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација и стрниште во село Мусинци, Општина Могила.

ТППЕ Прилеп вчера од 18:58 до 19:40 часот со едно противпожарно возило и двајца пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација кај ресторан „Романса“ во Општина Прилеп.

Регионалниот ЦУК Струмица, информира дека пожарникарите од ТППЕ Струмица вчера од 13:35 до 14:40 часот со едно возило и тројца пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација во село Градско Балдовци, каде била зафатена површина од околу еден хектар

Речиси истовремено, струмичките пожарникари во период од 13:20 до 18:40 часот со едно возило и двајца пожарникари интервенирале и на запалена депонија во близина на село Босилово, Општина Босилово.

ЦУК апелира за редовно чистење на локалните одводни канали, да не се фрлаат отпадоци во нив и во речните корита.