Фудбалската федерација на Македонија денеска објави дополнително соопштение во врска со цените и распределбата на билетите за вечерашниот натпревар Македонија – Шкотска во рамки на Лигата на нации.

Според ФФМ, Националната арена „Тодор Проески“ има капацитет од околу 32.000 гледачи, а 13.431 билет е со основна цена од 500 денари. За корисниците на Магента, со 35 проценти попуст, цената на овие билети изнесува 325 денари.
ФФМ наведува и дека 3.000 влезници се наменети за гостинската репрезентација и нејзините навивачи, согласно пропозициите на УЕФА. Нивната цена е 1.800 денари. Во оваа бројка, како што посочува Федерацијата, не се вклучени тампон-зоните, кои дополнително го намалуваат расположливиот капацитет за домашните навивачи.
Целата западна трибина е отстапена за најмладите фудбалери од Детската лига, нивните тренери и родители, како и за навивачките групи кои побарале присуство на натпреварот.
Од ФФМ посочуваат дека ова не е практика само за натпреварот со Шкотска, туку принцип кој Федерацијата го применува во текот на целиот циклус.
Во соопштението се наведени и цените за останатите категории:
На официјалниот систем за продажба на ФФМ, билетите за Македонија – Шкотска се наведени во ценовен опсег од 1 до 3.000 денари, зависно од конкретниот сектор и категорија. Натпреварот се игра вечерва од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“.
Во јавноста во текот на денот имаше и реакции за цените на билетите и посетеноста на натпреварот. Поранешниот министер за финансии и професор Драган Тевдовски упати јавен апел до ФФМ да овозможи бесплатен влез на вечерашниот натпревар. Тој посочи дека билетите достигнуваат цена од 1.800 денари и побара стадионот да биде исполнет со македонски навивачи.
Тевдовски во својата објава наведе дека во Скопје има голем број шкотски навивачи и порача дека македонската репрезентација не треба на домашен терен да има атмосфера како да игра на гости. Тој упати апел и за организирано присуство на македонските навивачки групи.
Во јавноста по објавувањето на соопштението имаше и коментари дека не сите навивачи се корисници на Магента, па оттука попустот од 35 проценти не е достапен за сите кои сакаат да купат билет. ФФМ во соопштението ја наведува редовната цена од 500 денари и намалената цена од 325 денари за корисниците на Магента, но не наведува дополнителен попуст за корисници на други оператори.
Во своето соопштение ФФМ реагира на критиките за цените и вели дека дел од коментарите се засноваат на „паушални бројки“ и „непотполни информации“. Федерацијата наведува дека критиката и прашањата се добредојдени, но бара тие да се темелат на проверени информации.
Натпреварот Македонија – Шкотска е трет домашен натпревар за македонската репрезентација во ова издание на Лигата на нации. Почетокот е закажан за 20:45 часот.