PopUp music: Terry Francis во MKC

Еден од најуспешните и најпрославени британски диџеи од 90тите па наваму, носител на “Best New DJ“ наградата на Muzik magazine од 1997 година, повторно доаѓа во Скопје на осмиот по ред PMG Recordings Festival во склоп на “Бела ноќ“.

Со 160 изданија зад себе како и огромен број учества во најразлични облици на културни случувања, дискографската куќа ПМГ Рекордингс го одбележува своето дваесетгодишно опстојување и успешно работење во македонскиот културен простор. Јубилејот ќе биде означен на осмото издание на ПМГ Рекордингс фестивал – Сонична младост, на три подиуми за танц, со учество на голем број звучни музички имиња од алтернативната и клупската сцена. Со поддршката на „Златен даб“, организаторите најавуваат одлично фестивалско издание, со музички перформанси што ќе бидат поткрепени со незаборавни визуелни искуства за посетителите.

Помеѓу одличниот лајнап на целиот фестивал, посебно ја најавуваме најголемата ѕвезда за вечерта - Terry Francis (London, UK). Вистинскиот миленик на скопската и македонска клубска публика кој успева редовно да настапува кај нас и секогаш тоа е фантастична журка. Речиси 20 години му поаѓа од рака на овој човек да ги покрене скопјани и да ги задоволи нивните најсуптилни танцови потреби.