Поправките на „Гоце Делчев“ ќе траат до септември

Градежната компанија „Синтек инженеринг“ од Скопје во моментов изведува градежни активности-поправки на оштетувањата на надворешниот бетонски дел на мостот „Гоце Делчев“.

Активностите подразбираат санација на надворешната бетонска конструкција и нанесување антикорозивна заштита на арматурата. Според договорот, градежните активности ќе се одвиваат во период од 150 работни дена, во неколку фази.

Од компанијата информираа дека во ниту една од фазите, мостот нема да се затвора за сообраќај. Санацијата е дел од редовната програма за одржување на мостот, а според студија направена од интернационалната компанија „Фресине“ која препорачува ваков вид на одржување поради оштетувања направени од атмосферски влијанија.