Поправка на уличното осветлување во Карпош

Деновиве екипите на Општина Карпош интензивно работат на сервисирање на прегореното уличното осветлување на неколку локации на територијата на локалната самоуправа.

Така, беше саниран поголем дефект на ул Волгоградска, во Карпош 4, наспроти Сити мол, но и на околните улици во оваа населба, каде беа сменети повеќе склопки и светилки.

Интервенции на уличното осветлување имаше и на улица Дрезденска во Тафталиџе 1, како и на Кејот на Вардар, во Злокуќани и Бардовци. Од спротивната страна на Партизанска се работеше на поправки на светилките во Влае 2, урбаната заедница Пецо Божиновски Кочо и Тафталиџе 2.

Поправките на уличното осветлување на општинските сообраќајници се врши во текот на денот, со цел точно да се лоцира дефектот и заради проверка дали е отстранет, па честопати граѓаните забележуваат дека светилките светат и дење.

Општинските служби во континуитет вршат интервенции на уличната мрежа со цел да има поголема безбедност во движењето и сообраќајот во Карпош.