Поповите против карантин за Задушница: Заболените се од ифтарите кои се одржуваа на затворено, гробиштата се на отворен простор

„Гробиштата се на отворен простор, каде што има провев, секој гроб е на 2 метри растојание и според ова, не гледам опасност верниците на задушница да се заразат од коронавурусот“, вели за А1он митрополитот пелагониско-преспански Петар, кој е против да има карантин и полициски час за празникот Задушница. Иако, има голема бројка на заразани во општина Бутел каде што се градските гробишта, тој сепак вели дека нема потенцијална опасност за зараза бидејќи заболените кои се бројат деновите биле од ифтарските вечери кои се одржувале во затворени простории.

„Се знае дека заболените деновиве се од одредени кластери, распространети по неколку општини како резултат на контактите на ифтарските вечери. Ифтарите се одржуваа во затворен простор, а Задушница ќе биде на отворено. Не гледам проблем на верниците да им се ускрати правото да оддадат помен на починатите. Ги затворија верниците за Велигден, во ред, молчевме, беше проблем да не се собираат во црквите. Но, сега не е така, затоа сметам дека ако повоторно има карантин за задушница е премногу“, изјави митрополитот Петар.

Свештениците ги повикуваат верниците да се воздржат од раздавање храна , затоа што тоа е народски, а не црковен обичај. Ако се поздравуваат меѓусебно обавезно да ги дезинфицираат рацете и на гробиштата да носат заштитни маски.

„На Задушница обичај е да се ракуваат со поздравот „Бог да го прости“ и нека се ракуваат и прегрнуваат, ние тоа не можеме да им го забраниме и така на гробот ќе бидат луѓето од едно семејство кои секако живеат заедно. Но, секој што ќе дојде на гробиштата треба да носи маска, а на секој гроб да има средство за дезинфекција. На оној гроб каде што верниците не се придржуваат до правилата, свештеникот нема да одржи помен“, додадава митрополитот Петар за А1он.

Со сличен став е и митрополитот Тимотеј дебарско-кичевски и портпарол на Синдот на МПЦ. Тој вели дека црквата веќе ги информирала верниците дека треба да се придржуваат до препораките за празникот, при што им укажале дека на гробот треба да дојдат двајца до тројца луѓе од исто семејство.

„Се знае дека на Задушница, доаѓаат од најблиското семејство. Сега свештеникот не може да ги брои луѓето на гробот, дали се петмина или тројца, ние не сме полицајци туку свештеници. Издадовме соопштение, ги повикавме верниците да ги почитуваат мерките и да бидат разумни. Им укажавме да не носат храна на гробиштата, односно доволно е да има само пченица, леб и свеќа. Се надевам дека надлежните ќе бидат водени од волјата на Господ и нема да донесат одлука со која ќе им се ускрати правото на луѓето да ги посетат вечните домови на своите блиски, бидејќи Задушница се смета за еден најголемите верски празници“, вели митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј за А1он.

Што се однесува до литургијата која се одржува во храмовите, свештениците велат дека верниците веќе ги знаат правилата во црквите доаѓаат со маски и стојат на раздалеченост од два метри, а во последно време, намален бил и бројот на верници кои доаѓаат да слушаат молитва.