Пратеникот и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов преку подолг статус на Фејсбук се огласи во обвинувањата кои деновиве беа упатени кон него. Тој вели дека ова е брутално злоупотребубање и поигрување со лични судбини кои се надополнети со лаги и неточни информации.
„Точно е дека пред 11 години, кога бев на 18-годишна возраст, направив грешка која, за жал, имаше последици. Бев осуден за тоа и целосно ги прифатив последиците од моите дејства. Беше многу тежок период за мене и за моите најблиски. Во меѓувреме, ги исплатив сите штети кон лицата кои беа засегнати од моето недолично однесување. Таа грешка беше не само за мене, туку и за сите околу мене, и беше навистина важна лекција во мојот живот. Мора да нагласам дека, по таа случка, никогаш повеќе во животот не сум возел. Никогаш не сум повторил никакво слично дејство, и дури и денес, по 11 години, не сум положил за возачка дозвола, затоа што сметам дека на безбедноста на патиштата треба да се гледа со најголема сериозност и одговорност“, напиша Попов.
Тој посочи дека не прегазил жена туку при направениот судат со друго возила била повредена жена која се возела во другото возил. Попов посочи дека не може ова да биде поистоветено со трагедијата која ја доживеа Фросина од причина што не постојат сличности помеѓу неговата ситуација и тоа што се случило со неа.
„Верувам дека целта на луѓето кои ги шират овие обвиненија не е вистински да ги истражат фактите и да го прикажат вистинскиот развој на настаните, туку се обидуваат да создадат изговори за политички поени и манипулации во овие сензитивни моменти. Ова е неприфатливо и не е фер во однос на мојата личност, која веќе се соочила со последиците од своите грешки и се труди да биде одговорна, да ги поправи своите дејства и да направи добро за општеството. Од таа моја грешка до денес поминаа 11 години, или 132 месеци, или 4015 денови, а јас извлеков поука. Од овие години 7 имаа СДС и нивните ортаци од шарената револуција Левица. Можеа да го преиспитаат случајот или да покренат нов. Но се е јасно и вистината е таа. Останува само горкото чуство дека лешинарски се обиодуваат да поентираат во отсуство над други теми и автентична политика. Жалам што така ја сфаќаат политиката и уште повеќе жалам што ги злоупотребуваат ваквите судбини“, пишува Попов во неговиот Фејсбук статус.
Тој додава дека не може да го смени минатото но може да ја обликува иднината, и поради тоа се залага за транспарентност и вистинска правда, бидејќи само на тој начин според него може да се донесат прави одлуки и да се изгради едно пофер општество.