Попоски најавува „пеколно“ лето со температури до два степени над повеќегодишниот просек

Метео прогнозерот Славчо Попоски во неговиот денешен „Метео аларм“ најавува дека претстојното лето ќе биде значително потопло.

Тој прогнозира дека температурите ќе бидат за околу 2 степени повисоки од повеќегодишниот просек.

„Ова лето ќе бидеме сведоци на чести и екстремно топли бранови од Африка кои ќе условуваат да имаме екстремно високи температури на воздухот кои во најголем дел ќе надминуваат 35 степени, а во Повардарието, Скопската котлина и во југоисточните предели почесто температурите ќе надминуваат и 40 степени, особено во јули и во август 2026. Често ќе ги имаме и оние тропски ноќи кои особено во Повардарието, Скопската котлината и во југоисточните предели од Македонија кога температурите ниту во текот на ноќните и утринските часови нема да се спуштаат под 20 степени“, се вели во метео алармот на Попоски.

Сепак, тој посочи дека и покрај ваквите температури, ќе има повремени освежувања на времето, со појава на поројни врнежи од дожд, силни грмежи и засилен ветер.