Поплавени куќи и дворови во Влае – делови од Скопје без вода поради пукната цевка

Вечерва во скопската населба Влае пукна една од главните водоводни цевки, поради што делови од градот останаа без вода, а повеќе куќи и дворови се поплавени.

На социјалните мрежи се шири видео на кое се гледа дека улицата е целосно под вода, а жителите велат дека водата навлегува во подруми и дворови.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информираат дека дефектот е на улицата Франце Прешерн бр. 100Д, каде пукнала цевка со дијаметар од 600 милиметри.

„Поради сериозен дефект, со прекинато водоснабдување ќе биде голем дел од градот, а останатиот дел ќе биде со намален притисок. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на работните активности,“ соопштија од претпријатието.

Во моментов без вода се делови од Хром, Ѓорче Петров, Влае и Карпош, а во Центар, Аеродром и други населби е значително намален притисокот.

Од „Водовод“ засега нема официјална информација до кога ќе трае санирањето на дефектот.

На социјалните мрежи граѓаните реагираат на новонастанатата состојба. Еден корисник на „X“ коментира:

„Нема парно, наскоро и вода, хаосот со ѓубрето и загадувањето останува. Уште струја да снема и да прогласиме колапс.“

Екипите на претпријатието се на терен и работат на изолирање на дефектот со цел што поскоро воспоставување нормално водоснабдување.