Попладнево гори на шест места во државата - регистрирани вкупно 17 пожари до 13 часот

Денеска до 13 часот во земјава се регистрирани вкупно 17 пожари на отворен простор, од кои шест сè уште се активни, девет се ставени под контрола, а два се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Активни се пожарите во општина Чучер-Сандево, кај селото Брест, во местото Рамно, каде што гори мешана шума, како и во општина Струга, на потегот Буринец – Локов – Селце, каде што е зафатена нискостеблеста шума, како и во општина Македонски Брод, кај селото Белица, на местото Кајорец кон селото Брезница, во близина на репетиторот, каде што гори нискостеблеста и мешана шума.

Во општина Липково активен е пожарот кај селото Слупчане, каде што гори ниска вегетација, додека пожар со ниска вегетација е регистриран и кај стадионот во општина Врапчиште. Активен пожар има и на депонијата во Шуто Оризари.

Под контрола се ставени девет пожари. Во општина Кичево контролирани се пожарите кај селата Кнежино и Добреноец, каде што е зафатена нискостеблеста шума, како и пожарот во Тајмиште, на местото Дарда, каде што гори ниска вегетација.

Пожари под контрола има и во селото Копаница, општина Сарај, каде што се зафатени нискостеблеста шума и ниска вегетација, на градската депонија во Делчево, во селото Милитино во општина Брвеница, каде што гори ниска вегетација, грмушки и шума, како и во селото Челопек, каде што е зафатен отпаден материјал.

Под контрола е и пожарот во селото Печково, општина Гостивар, каде што гори ниска вегетација, во селото Стиник, општина Ново Село, каде што се зафатени паднати стебла, како и пожарот во селото Руѓинце во општина Старо Нагоричане, кој се проширил кон селото Орах и зафатил ниска вегетација и нискостеблеста шума.

Целосно изгаснати се два пожара. Во општина Ѓорче Петров пожарот кај селата Грачани и Никиштани е изгаснат, како и пожарот на територијата на Косово, додека во општина Босилово е изгаснат пожарот на депонијата во селото Еднокуќево.