Попладнево гори на пет места во државата

Денеска до 13 часот на територијата на Македонија се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, два се ставени под контрола, а три се целосно изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според податоците од ЦУК, активни пожари има на следните локации:

  • Општина Студеничани: кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, каде гори мешана шума;
  • Општина Македонски Брод: кај местноста Видуш, како и кај селата Драгов Дол и Локвица, каде се опожарени ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки;
  • Општини Велес и Зелениково: кај село С’лп и местноста Горно Село, со проширување кон село Карабуњиште (Велес), како и кон селата Добрино и Тисовица (Зелениково), каде гори ниска вегетација, дабова, габерова и квалитетна дабова шума;
  • Општини Јегуновце, Желино и Сарај: кај селата Копанце и Туденце (Јегуновце) и село Церово (Желино), со проширување кон село Бојане (Сарај), каде е зафатена мешана шума;
  • Општина Штип: во населбата Балканска, каде гори ниска вегетација.

Под контрола се ставени пожарите на локалните депонии во Општина Кратово (кај село Железница) и во Општина Делчево.

Пожарникарите целосно изгаснаа три пожари: во Општина Куманово кај село Табановце (местност Сланиште), како и два пожари во Општина Крушево – кај селата Алданци и Норово, и кај селата Борино и Житоше.