Пописот тече, граѓаните скептични дека ќе биде успешен

Без никакви застои и проблеми, со посакуваниот интензитет се одвива пописот на населението и објектите, велат надлежните.

Од Државниот завод за статистика се задоволни и од темпото и од работата на попишувачите, а Владата очекува пописот да продолжи со предвидената динамика и сите активности успешно да завршат до 30 септември. Но, се чини, дека граѓаните не го делат ова мислење.

На прашањето на Скопјеинфо „Дали пописот ќе заврши успешно“ повеќето кои дадоа свој став се скептици дека пописот ќе биде успешен.

Еве што велат дел од нашите читатели:

„Кој попис? Па тој е завршен и пред да почне,“

„Не, бидејќи процентите за овој попис однапред се договорени.“

„Да, исто како референдумот,излегваш -не излегваш исто ти се фаќа“

„Да, за некого и да не е , ќе го направат успешен.“

„Пописот е одамна завршен ова е само фарса, само матични броеви и тоа колку соби имаме, останатото се МВР го дава“

Сепак, има и такви кои веруваат дека пописот ќе заврши најнормално и дека тоа ќе биде од голема полза за идните планови на земјава.

Дел од граѓаните се во дилема зошто попишувачите не им даваат документ-потврда дека се попишани.

„Не ми е јасно. По попишувањето и одговорите на прашањата не добив ни еден документ, од каде да знам дека моите одговори ми се валидни и веродостојни. Немаше ни потпис од моја страна“, прашува еден граѓанин.