Пописот 2021 се одвива со посакуваниот интензитет, нормално без никакви застои и проблеми, вчера попишани над 93 илјади лица

Заклучно со вчера до 20 часот попишани се 512.457 лица, 158.519 домаќинства и 212.464 станови. Масовниот одѕив покажува за свесноста и одговорноста на секој од нас да придонесе за собирањето податоци, важни за креирање на заедничката иднина. Владата очекува пописот да продолжи со предвидената динамика и сите активности успешно да завршат до 30 септември, информира на денешната прес-конфернеција владиниот портпарол Душко Арсовски.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, нагласи дека Пописот 2021 се одвива со посакуваниот интензитет, нормално без никакви застои и проблеми.

– Вчера, попишавме точно 93.235 лица, 29.491 домаќинство и 40.155 станови. Ова се навистина прекрасни податоци, особено што се работи за работен ден, за разлика од претходните кога беа за време на викенд и очекувано беа повисоки, бидејќи населението е дома. Исклучително сме задоволни и од темпото и од работата на попишувачите и се надеваме дека ваквото темпо ќе продолжи и понатаму и без никаков проблем ќе го завршиме пописот во предвидениот рок, изјави Симовски.

На почетокот, посочи Симовски, имавме мали технички застои кои се надминати и веќе три дена по ред без никакви проблеми се спроведува попишувањето и интензитетот е исклучително задоволувачки.

– Очекувам наредниот период да нема повеќе вакви случаи, но и да се случат, постои цел тим зад нас, кој постојано е подготвен и дежура. Има голем пописен штаб, каде што за секој дел и од техничките решенија и методолошките прашања веднаш се решаваат. Не очекуваме никакви проблеми и мислам дека некаде на крајот на месецот ќе објавиме конечно дека сме завршиле успешно со пописот и операцијата е целосно готова, изјави Симовски.

Одбивањата на попишување се незначителни, рече директорот на ДЗС, но точна бројка за колку лица станува број, очекува да добие денеска.

– Таму каде што имаме првично одбивање, одиме и разговараме. Оди нашиот државен инструктор и член на пописна комисија и досега, најчеста пракса е тие луѓе да се убедат и попишат. Не применуваме никакви санкции се уште и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно дека ќе успееме овие луѓе да ги убедиме дека, онаа пропаганда против спроведувањето на пописот се дезинформации и целта е сосема друга, изјави Симовски.

Клучот за некое лице да биде попишано, како што посочи, е матичниот број и без документ не може да се направи попишување, додека таму каде што некој член не е присутен се договора термин кога ќе биде присутен и да се попише.