Попишани над милион граѓани, пописот влегува во финална фаза

Пописот на населението и објектите 2021 се одвива во најдобар ред и согласно планираниот интензитет и досега се попишани над милион граѓани.

Пописот е во 16-тиот ден од предвидените 26 дена пописни активности и треба да заврши до 30 септември.

Премиерот Зоран Заев, упати честитка за постигнатата бројка од милион попишани граѓани.

– Милион граѓани ја завршија својата обврска и се попишаа. Милион причини нè водат во финалната фаза од најзначајната државна и статистичка операција што ја чекавме цели 20 години. Успешниот попис е гаранција за сигурна македонска иднина, објави вчера на Фејсбук премиерот Заев.

Благодарност до попишувачите, кои работат на терен, упати и министерот за правда Бојан Маричиќ, посочувајчи дека влегуваме во последната фаза од пописот.

-Над милион попишани граѓани. Одлични вести од Државниот завод за статистика. Влегуваме во последната фаза од пописот кој успешно се спроведува после 20 години!, напиша во објава на Фејсбук Маричиќ.

Државниот завод за статистика, вчера објави дека до 15 часот биле попишани 1.000.034 лица.

– Попишувањето оди во најдобар ред и согласно планираниот интензитет, информираше ДЗС.

Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија, реагираше дека електронската апликација за Пописот 2021 не функционира на турски јазик, како и дека при избор на реонски инструктори и реонски попишувачи не е запазена етничката структура, така што има вкупно 73 реонски попишувачи од Турскиот народ во РСМ помалку од предвиденото.

Во приговорите упатени до ДЗС и Министерството за правда, Националното координативно тело за пописот на турскиот народ, изразува очекување забелешките да бидат решени во најкраток можен рок, како пописот би продолжил во позитивна насока.

Можноста за самопопишување на лица во странство, досега ја искористиле – 193.370 лица.

Граѓаните кои имаат дилеми и нејаснотии во врска со процесот на попишување можат да се обратат во Бирото за Попис и на телефонските броеви кои се објавени на веб-страницата popis2021.stat.gov.mk.