Понекогаш ми е преку глава од сѐ...

Понекогаш ми е преку глава од сѐ... и од децата и од мажот. И од фактот дека родив деца пред да наполнам 30 години.

Преку глава ми е од готвење, подготвување и сецкање и од тоа што не знам што да правам за вечера...

Понекогаш ми доаѓа такво чувство и тогаш, ми доаѓа преку глава и од диплење, перење и пеглање...

Понекогаш, преку глава ми доаѓа и сортирање, групирање, разделување: не знам веќе која облека е чија и што е за есен, а што за лето...

Понекогаш, па можеби и малку почесто, ми се смачува и од кујната и од правосмукалката и од плочките кои морам секој втор ден да ги чистам.

Понекогаш, не толку ретко, ми се смачува и од трчање и од брзање и гледање на часовник за секаде да стигнам на време. Ми се смачува и од облекување на брзина и јадење на нога и трчање по таксиња затоа што доцнам некаде, затоа што и мене ми се случува да задоцнам некаде...

И сите тие гужви, гужви во пет часот, во петок, во понеделник, во зима, во лето, на Партизанска, на Илинденска, на мостот „Гоце Делчев“, итн. И така ми се смачува и ми доаѓа да побегнам некаде далеку.

Ми се смачува од тоа да мислам дека Чоколино не е добар доручек и дека сите треба поздраво да се храниме. Ми се смачува и од моите обиди да почнам да вежбам и од моите ветувања кон сама себе дека ќе отидам на масажа веднаш откако ќе добијам плата...

Понекогаш ми се смачува од купување и одење во маркети и од градинки и паркови.... И од физиолошки раствори и аспиратори и бронхитиси и воспалувања на увото...

Ми се смачува и од врискање и плачење и расправање за тоа која играчка чија е...

Понекогаш не можам да го поднесам фактот дека не можам да изгледам ниту еден филм без да заспијам...

И ми се смачува од тоа што не можам да ги оставам подолго од три дена и ми се смачува од таа моја потреба за контрола со ставот дека мама мора сѐ да направи... И го мразам тоа што сите мораме да се лажеме дека на сите им е прекрасно и дека не е океј понекогаш да кажеш дека ти е смачено од сѐ, затоа што понекогаш навистина работите ти доаѓаат преку глава...

Понекогаш ми се смачува и од сите оние „совршени мајки“ на кои ништо никогаш не им се смачува.

И понекогаш посакувам да побегнам, иако знам дека би се вратила после петтиот чекор. И би ги бакнувала сите и сите би ми недостасувале, исто како што ми недостасуваат и кога сум на работа.

Понекогаш ми е тешко и ми доаѓа да побегнам, но верувам дека тоа е нормално...

Затоа што знаете во што е мудроста?

Родителските денови се како склекови: Ако баш никогаш не ви е тешко, не ги правите како што треба...