Понекогаш избирам да се исклучам од сѐ и да не бидам достапна за никого...

Околу нас има премногу бука. Премногу информации, најчесто непотребни и бескорисни, кои само не оптоваруваат. Премногу вести, слики, зборови, звуци. 

Си го замислувам мозокот како кутија во која ги трупам сите тие глупости. И на крај кутијата станува преполна, не можам да ја затворам и не можам да го пронајдам она што ми е потребно, паѓаат работи од неа, не можам да ставам нови работи, сѐ е пренатрупано и хаотично.

И затоа, понекогаш одлучувам да се исклучам. Решавам да не бидам достапна. Решавам да правам обични домашни работи и само на нив размислувам. Избирам полека да готвам, рачно да ги сечам зеленчукот и овошјето и мислам само на нив. Избирам да се шетам покрај реката и да ја гледам водата и луѓето и да гледам во облаците. 

Решавам да пијам кафе, да мижам и да уживам во тој прекрасен мирис и во секоја следна голтка. 

Решавам да бидам тивка. Да се слушнам себеси и својата душа. Да се повлечам додека не соберам сила за расчистување на гужвата. Избирам да поставам граници. Да се исклучам себеси од струја. Да научам да молчам. Не знаат сите како да молчат. Треба време додека се научи тоа. 

Да допреш до сопствените длабочини. Да провериш како си. Ама како си навистина. Да се тргнеш од светот и да го тргнеш светот од себе. Да собереш сила и енергија. 

Сѐ додека не почувствуваш дека повторно можеш да испливаш, со повеќе сила, со прочистена душа, со спокој и високо ниво на подготвеност повторно да нурнеш во секојдневието.