Помен по повод 40 годишнината од упокојувањето на Архиепископот охридски и македонски Доситеј

По повод 40 години од упокојувањето на Архиепископот охридски и македонски Доситеј, денеска во црквата „Св. вмч. Димитриј Солунски“ во Скопје, каде што е неговото вечно почивалиште беше отслужен помен на кој чиноначалствуваше Архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и на повеќемина свештеници од МПЦ-ОА.

На поменот присуствуваа директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗ) Даријан Сотировски и деканот на Православниот факултет „Свети Климент Охридски“ проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски.

Во пригодна беседа г. г. Стефан се осврна на важноста на делото на Архиепископот Доситеј, кој е возобновител на Охридската архиепископија, обединител на македонскиот народ во татковината и ширум светот, човек кој успеал многугенерациската тага на нашиот народ да ја претвори во духовна радост преку автокефалијата на нашата Помесна црква, соопшти КОВЗ.