Помеѓу повредените во невремето во Скопје има и странски турист - паднало дрво и му ја повредило карлицата

Во Клиничкиот центар и во болницата „Св. Наум Охридски“ по вчерашното невреме лекарска помош побарале 33 повредени. 22 побарале помош во „Св Наум Охридски“, а 11 во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Најголем број од повредените биле со скршеници, еден бил опериран, а меѓу повредените бил и еден турист.

„Од тие 22 пациенти, двајца се примени на болничко лекување, останатите се третирани поликлинички, со полесни повреди. Од оние двајца, еден пациент е веќе опериран во текот на ноќта со скршеница во предел на дланката, и има уште еден пациент којшто е странски државјанин, турист, којшто е повреден при пад на дрво. Има повреди во пределот на карлицата, но не е потребен оперативен третман, што значи дека е планиран за конзервативен, односно неоперативен третман“, изјави Небојша Настов, директор на болницата „Св. Наум Охридски.