Помалку бирократија за туѓа нега: Комисиите ќе ја гледаат документацијата преку „Мој Термин“

Се подготвуваат измени во регулативата за работата на комисиите за туѓа нега и мобилност, со цел постапките да бидат побрзи, а граѓаните да имаат помалку административни обврски, најави министерот за здравство Клекоски.

Според неговата објава, за измените се разговарало на состанок со министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и со советници во Владата.

Една од клучните промени што се разгледуваат е комисиите директно да имаат пристап до медицинската документација преку системот „Мој Термин“, наместо граѓаните самите да ги собираат документите и да ги носат од институција до институција.

„Податоците веќе постојат во системот. Треба да патуваат податоците, а не пациентот“, порача Клекоски.

Целта, како што наведе, е поефикасна работа на комисиите, побрзо донесување решенија и подобра поврзаност меѓу здравствениот и социјалниот систем. Измените, според најавата, треба да помогнат и во спречување евентуални злоупотреби.

Министерот посочи дека зад секое барање за туѓа нега или мобилност стои лице со сериозна здравствена состојба и семејство кое се грижи за него, поради што секоја дополнителна потврда и чекање претставуваат дополнителен товар.

„Кога станува збор за туѓа нега или мобилност, зад секое барање стои човек со тешка здравствена состојба и семејство што се грижи за него. За нив секоја непотребна потврда и секое чекање е дополнителен товар“, наведе Клекоски.

Според најавата, работата на конкретните измени продолжува, но во објавата не е прецизирано кога новите правила би стапиле во сила.