Се активира новата тарифа за награда и надоместок на трошоците на извршителите, со што се очекуваат помали трошоци, главно кај граѓаните, на основниот долг на неплатените сметки, пренесува Фактор.

Наградата за платен налог за предмети кои започнуваат да се работат од почетокот на оваа недела, а кои се однесуваат за побарување за неплатени сметки до 100 евра за струја, парно, кабелски оператори, телефон, одржување на заеднички простории се наплаќа само 2 евра. Со старата тарифа тоа можеше да чини 14,5 евра за администрирање и награда. Од 100 до 200 евра наградата е 5 евра по новиот тарифник кој стапи на сила во петокот, а над 200 евра е 10, додека по старо можеше да чини и над 20.

Извршни исправи доколку станува збор за судски одлуки и решенија на државни служби и претпријатија се наплатува 6, 5 евра ако основниот долг е до 100 евра, а ако е од 100 до 300 тогаш тој изнесува 10,5 евра.

Кај поголемите суми нема голема разлика во однос на стариот правилник донесен пред три години. Така, за побарувања до 3.000 евра сега наградата е 7,5 отсто од основниот долг, додека претходно беше 8 проценти плус 30 евра за администрирање.

Поголема разлика има во изготвувањето на налогот за извршување од платата на самото работно место на должникот или над неговата трансакциска сметка во банка. Претходно тоа ги чинеше граѓаните 20 евра, а сега е само 2 евра кога станува збор за неплатени долгови за телен, струја, парно, станување, телевизија и др. Доколку станува збор за друг тип на долг, интервенцијата ќе го чини физичкото лице 6 евра.

Истовремено стапи и тарифата за нотарите, кога станува збор за извршувањето на долг, па така нивната награда не може да биде повисока од 500 денари, ниту за долгови и над 1.000 евра кога по старо би изнесувале 35 евра.

Новата тарифа влегува како подзаконски акт за измените на Законот за нотаријат и на Законот за извршување, донесени претходно од Собранието на Македонија. Во меѓувреме, додека траеше дебатата, министерката Дескоска направи дополнителни компромисни решенија со извршителите, а невладините организации критикуваа дека и понатаму ќе останат високите камати кои тие им ги наметнуваат.