Македонската музичка ѕвезда Калиопи утре, 17 октомври, ќе одржи голем концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, со почеток во 20 часот.

Таа најави вечер исполнета со енергија, добро расположение и песни што ја одбележаа нејзината кариера, а публиката ќе има можност да ужива и во нејзините препознатливи балади.
Концертот има посебно значење за Калиопи, бидејќи оваа година се навршуваат 50 години од нејзините музички почетоци. Во 1976 година таа настапила на детскиот фестивал „Златно славејче“, а половина век подоцна и понатаму создава нова музика и настапува пред публика од различни генерации.
Посебно внимание привлекува и најавеното гостување на раперот Марко Маринковиќ – Слаткаристика, кој ќе ѝ се придружи на Калиопи на сцената. Тој подготви нова верзија на нејзиниот хит „Обои ме“, во која внесува сопствен рап-текст, додека Калиопи го изведува препознатливиот рефрен.
На прес-конференцијата пред концертот, Калиопи најави дека публиката ја очекува вечер во која ќе се потсети на музиката што ја следи низ годините, но и ќе има можност да танцува и да се забавува. Таа порача дека сака луѓето да го разбудат детето во себе и да излезат од апатијата и недостигот на емпатија, поврзувајќи ја музиката со потребата за повеќе радост и човечка блискост.
Билетите за концертот се достапни преку Купи Карта. Настапот е закажан за 20 часот во арената „Борис Трајковски“.