Половина милион Македонци живеат сиромашно - ниското образование и недостатокот од вработување влијаат на ризикот од сиромаштија

Секој петти Македонец живее во сиромаштија. Проблемот е најголем кај најмладите, а најмал кај повозрасните граѓани.

Во земјава 450.000 луѓе живеат во сиромаштија, односно со помалку од 6.500 денари месечно, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. 

Семејствата со три и повеќе деца се во поголем ризик од сиромаштија. Сето ова укажува на потребата од редефинирање на мерките на социјалната заштита и комбинирање со други мерки за помош на лицата кои живеат во ризик од сиромаштија. 

Да се биде сиромашен не значи само да ви недостигаат материјални добра за живот. Тоа значи да се живее на работ, на маргините, да се биде невидлив за системот. А за да го допрете дното, не треба многу, доволно е само малку лоша среќа. Вака раскажуваат оние кои искусиле горчливиот вкус на сиромаштијата.

Да се преживее денот со помалку од стотина денари е вистински предизвик. А бројот на такви јунаци во земјава е алармантен.