Полно е во детската болница во „Козле“, оние за хоспитализација се препраќаат на Клиника

Нема празен кревет во детската болница „Козле“. Тука се хоспитализирани 70 дечиња, од кои три се приклучени на кислород, потврдуваат од Институтот за белодробни заболувања кај деца. 

Помеѓу хоспитализираните, доминираат респираторните вируси, вели педијатарот Д-р Драган Дацевски. Има и дете кое е позитивно на ковид, а три ипол месечно бебе пак, е со туберколоза. Бидејќи нема место за хоспитализација, сега оние дечиња кои треба да лежат во болнички кревет се препраќаат на Детската клиника при комплексот „Мајка Тереза“, вели Д-р Дацевски.

Проблемите за родителите не завршуваат кога децата ќе бидат пуштени на домашно лекување, оти понатамошниот третман вклучува со кортикопрепарати за локална употреба што низ македонските аптеки недостасуваат, па бидејќи нема друго чаре, мора да се отиде во соседството.

Педијатрите велат дека во влошување на состојбите на дечињата со респираторни проблеми дополнително придонесува загадувањето. Тие препорачуваат да не се шетаат децата навечер, а да се искористи планинскиот воздух на повисоките места.