„Полковници“ и „покојници“ во првиот круг од локалните избори - со што влегуваат партиите во вториот круг?

Локалните избори 2025 година несомнено ќе бидат интересни за коментирање и за анализирање и по неколку години отсега, во главно затоа што, можеби не толку кристално јасно, но сепак на виделина извадија многу битни политички моменти, за кои ќе биде многу важно да се разбере процесот на нивното „ферментирање“ и за тоа како стигнале до тука.

Анализирајќи го првиот круг кој се одржа на 19 октомври, првенствено е евидентно да се заклучи дека најголеми победници во првиот круг од локалните избори излегоа ВМРО-ДПМНЕ како партија и Изет Меџити како политичар поединец. ВМРО-ДПМНЕ не само што освои голем број на градоначалници во првиот круг, туку по долги години опозиција во Струмица, успеа повторно да ја освои оваа општина и тоа во првиот круг. Изет Меџити, со победата во првиот круг над својот политички опоненет Бујар Османи успеа да исползува неколку важни моменти за себе. Прво, тој го порази, можеби засега, главниот фаворит за наследник на Али Ахмети на лидерската позиција во ДУИ. Второ, со оваа победа тој уште повеќе ја зацврсти позицијата како главен лидер на коалицијата ВРЕДИ. Трето, со победата тој успеа да се наметне како еден вид на противтежа во албанскиот блок на Али Ахмети – нешто што претходно беше Арбен Таравари до пред да ја напушти коалицијата со ВРЕДИ.

Најголеми губитници во првиот круг од изборите се очигледно СДСМ, кои доживеаа катастрофални резултати во поголем број на општини. Загубија општини кои важеа за нивни бастиони како Струмица и Куманово. Во Куманово е особено болно за нив и што нивниот кандидат не успеа да влезе во вториот круг. Исто така, на ниво на Град Скопје, нивната кандидатка беше четврта по ред по бројот на добиени гласови. Ова укажува на две работи. Првата, дека не само граѓаните како целина, туку и нивните членови и симпатизери не се задоволни од изборот на кандидатите и одлуките на раководството, а кај дел се уште можеби и од начинот на претходното владеење на самата партија. Втората е дека партиското раководство се уште се нема совземено и консолидирано по поразот на ланските парламентарни избори.

Од друга страна, ЗНАМ се надеваат дека ќе го постигнат очекуваниот резултат од изборите во вториот круг, односно дека нивните единствени двајца кандидати ќе ги добијат Куманово и Центар. Левица останува да се надева на чудо во трката за градоначалничкото место за Град Скопје, бидејќи најголем дел од анкетите укажуваат на победа на Орце Ѓорѓиевски – кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Но за Левица овие локални избори имаат и друг момент - да се наметнат како главна опозициска партија.

По катастрофалниот резултат на СДСМ, доколку не успее да спаси нешто, ако воопшто може да се спаси во вториот круг, ќе се постави легитимно прашањето дали тие веќе го имаат капацитетот да бидат главната опозициска партија на власта – или „втора партија“ во државата. СДСМ во вториот круг се наоѓаат во многу незгодна ситуација.

Имено, пред нив се неколку опции. Едната е доколку во вториот круг тие, во некоја преќутна коалиција со Левица и ДУИ, го поддржат кандидатот на Левица за Град Скопје, Амар Мециновиќ. Во вакво сценарио дури и по евентуален пораз на кандидатот на изборите, Левица тоа би го искористила да прикаже пред електоратот дека поседува капацитет да биде „обединувачки фактор“ на идеолошката левица, но и на опозицијата во Македонија. Со тоа ем забрзано би ја доистиснале СДСМ, ем би и го дособрале разочараното членство, ем ќе остават простор за интерпретација дека СДСМ се уште коалицира со ДУИ – што дополнително би ги девастирало. Другата опција е СДСМ да не прави никакви коалции во вториот круг, да остане од тој аспект пасивизирана, што би му ја дополнително олеснила работата на својот главен политички опонент ВМРО-ДПМНЕ апсолутно да издоминира и во вториот круг. Двете сценарија не звучат никако добро за СДСМ и веројатно е дека би довеле до нова внатрепартиска криза за нив. Но, доколку таа криза дополнително се продлабочи тоа ќе значи и разгледување на можноста за смена на нивниот сегашен лидер, Венко Филипче. Но кои би биле можните разрешници?

Тие разрешници веројатно ќе се движат на релација Скопје (Центар) – Куманово – Крива Паланка – Струмица.

Во „социјалдемократскиот автобус“ кој по локалните избори би можел да сообраќа по оваа рута би се качиле три градоначалнички и две пратеничко-министерски имиња. Првата постојка би била таа во Струмица, каде пораниешниот градоначалник Костадин Костадинов не го крие своето незадоволство од недобивањето на партиската поддршка за трчање по нов мандат и кој веќе би можел да биде меѓу првите кои ќе побара лидерска смена во партијата – па дури и да го стави своето име меѓу можните наследници на Филипче.

Со евентуалното отварање на „Пандорината кутија“ за лидерска смена во СДСМ, резервирана постојка би можело да има на Страцин, на пола пат за двајца сегашни пратеници и поранешни министери, едниот од Куманово (Оливер Спасовски) и другиот од Крива Паланка (Љупчо Николовски). Во моменталното сценарио единствени двајца претставници на СДСМ со посериозна партиска структура на терен. Сепак, на некој среден рок штабот на СДСМ во Крива Паланка би можел да стане тесно место за двајца „шефови“. Така, актуелниот градоначалник Сашко Митовски кој доби нов мандат во Крива Паланка, во такви тесни околности и еден од ретките социјалдемократи кои освои мандат во првиот круг на изборите, би можел да му се спротистави на Николовски и да се наметне како главен играч на СДСМ во третата изборна единица, па дури да претендира во одредени околности и за челните партиски функции во СДСМ.

Скопската постојка, локациски најблиску до Бихаќка, ќе биде пред самата Општина Центар. Доколку Горан Герасимовски се избори за нов мандат во оваа општина, тогаш и тој, како својот колега од Крива Паланка, врз база на освојување на нов мандат би можел да се наметне како име во евентуалните лидерски разврски во СДСМ, особено имајќи ја во предвид моќта, но и суетата на скопското крило на оваа партија, кое би инсистирало лидерот да биде од нивниот табор.

Сепак, главниот момент на првиот круг од локалните избори е што значаен дел од електоратот покажа недоверба кон сите политички опции во државата, а со тоа можеби најави и формирање на некоја нова идна политичка опција – односно тоа се бројот на неважечки гласачки ливчиња и бројот на гласови за независните листи. Вкупниот број на неважечки гласачки ливчиња во првиот круг од локалните избори е нешто над 53.000 ливчиња. Исто така, вкупниот број на гласови кај независните граѓански листи за советници е некаде околу 58.000 гласа. За да се долови сериозноста на овие бројки говори фактот што, Левица, која во моментов претендира да се наметне како втора партија на политичката сцена во Македонија пред СДСМ, во првиот круг од локалните избори освои околу 57.000 гласа. Чисто колку за собредба, Движењето ЗНАМ на ланските парламентарни избори со нешто над 56.000 гласа освои 6 пратеници. Земено во предвид дека се се разговара и за воведување на една изборна единица, ова дополнително и дава тежина на оваа бројка.

Сумирајќи ги гласовите за „независните“ и оние кои одлучиле да не поддржат никого доаѓаме до бројка од околу 110.000 гласачи. Секако дека ова е релативна и не баш кристално чиста бројка, но ова во превод би можело да значи и нов политички субјект во некоја блиска иднина кој би го „експлоатирал“ ова (не)расположение. Кај партиските аналитички центри многу веројатно оваа бројка ќе вклучи аларми за како да придобијат дел од овој електорат до следните парламентарни избори.

ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори дури и да напраави „џандар збира“ ќе треба веднаш после тоа да ги засука ракавите и да види како на своја страна да придобие одреден дел од овој базен на гласачи, ако сака барем приближно да репризира победа на парламентарните избори како лани.

Виктор Јакимовски, политиколог