Политичкиот активизам како можност да се помогне: Донација за поликлиниката во Ѓорче Петров

Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Ѓорче Петров денес донираше заштитна опрема за поликлиниката во Ѓорче Петров.  Како што информираат на својата фејсбук страница, донацијата се состои од 5.000 заштитни медицински ракавици, 70 визири, 150 заштитни маски кои може да се користат повеќепати и неколку илјади пара каљачи и капи.

Ова е наш скромен придонес кој се надеваме дека ќе им помогне на нашите херои - здравствените работници во можеби најголемиот предизвик во нивните кариери, стои во фејсбук објавата на донацијата. 

Изминатава недела ОК Ѓорче Петров спроведе акција во која што членовите изработуваа заштитна медицинска опрема со цел да се заштитат нашите херои - медицинските работници од коронавирусот. 

Една од најдобрите активности во кои сум учествувал лично. Политичкиот активизам го разбирам како можност да се помогне на другите. Не можам да ја опишам радоста на сите здравствени работници од донацијата, како и на сите оние кои работеа изминатата недела од своите домови за целиот материјал да се прекрои, сошие, набави, дистрибуира, спакува и спреми за донацијата, напиша на својот фејсбук профил Претседателот на општинскиот комитет, Бојан Стојановски.