Политичарите можат да поднесат оставки кога ќе изгубат избори, но не и кога животот ќе го загубат 14 луѓе?

Од невладината организација „Подобро за Тетово“ преку објава на својот официјален фејсбук профил потестуваат дека се уште нема одговорност за трагедијата во тетовската ковид болница.

-Поминаа 2 месеци од трагедијата во која животот го загубија 14 пациенти и членови на семејствата во модуларната болница во Тетово и од ден денес сè уште нема никаква одговорност, ниту морална, ниту кривична.  Деновиве слушнавме дека политичарите можат да поднесат оставки кога ќе изгубат избори, но не и кога животот ќе го загубат 14 луѓе, велат тие. 

Од невладината потсетуваат дека Тетово и јавноста сакаат да знаат до каде е истрагата?

-Зошто Обвинителството објави дел од вештачењето на крим-техника без да го покаже извештајот на германските експерти? Дали овој извештај е издаден за амнестирање на одговорните во предизборниот период по барање на Владата? - прашуваат оттаму. 

-Нема детали од истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција за тендерот и модуларните болници дали ги исполнувале основните стандарди за безбедност, управување и одржување. Досега немаме конкретен одговор дали болницата имала или не систем за противпожарна заштита, велат од „Подобро за Тетово“.