
По извршените проверки во кои надлежните институции утврдија дека заловеното животно од Козле е волк, полицијата трага по местото и лицето кое го чувало. Од Министерството за внатрешни работи за порталот „Курир“ изјавиле дека СВР Скопје презема мерки за утврдување на локацијата и идентитетот на лицето кое го чувало животното.
Според законските прописи, чувањето на диви животни без соодветна дозвола може да донесе сериозни казни, кои во одредени случаи достигнуваат и до 20.000 евра.
Во Законот за заштита на природата јасно се наведува дека е забрането чување и одгледување диви животински видови во несоодветни услови и без соодветни одобренија.
Ваквиот вид на одобренија ги издава Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, која проверува дали постојат услови за безбедно и хумано чување на животното.
Од ЗОО Скопје, пак, информираа дека станува збор за млад волк кој е неухранет и тежи 25 килограми - што е недоволна тежина за неговата возраст.