Полицијата држи под надзор 310 лица во самоизолација

310 граѓани кои се во самоизолација и кои биле во контакт со лица заразени со коронавирусот се наоѓааат под полициска присмотра.

Освен Дебар и Центар Жупа, кои се целосно под изолација, само во Скопје полицијата обезбедува 173 лица, 82 во Охрид, а МВР надгледува и граѓани во самоизолација во Битола, Тетово, Струмица, Куманово и во Штип.

Лицата кои нема да ја почитуваат оваа мерка ќе одговараат пред Законот, се закани министерот за внатрешни работи.

“Врз основа на анализа на ризик, но и по случаен избор, МВР ќе спроведува ригорозни контроли дали овие лица за кои е издадена ваква наредба ќе ја почитуваат. Доколку се утврди непочитување, ќе поднесеме соодветна пријава за пренесување на заразна болест и за непочитување на прописи за време на епидемија”

По информациите дека во Долно Лисиче, Сингелиќ, но и во струшките села има сомнителни лица вратени од Италија, а не се во изолација и ги избегнуваат медицинските екипи, МВР најави бесплатна телефонска линија 0800 00 201 која ќе работи 24 часа, но и електронска адреса mvrinformaciiuslugi@moi.gov.mk, каде што граѓаните ќе можат да пријавуваат прекршување на препораките од Владата.

Засега се регистрирани три нарушувања на мерката самоизолација, една во Струмица и две во Тетово, а се разгледуваат и четири пријави во Скопје. До овој момент во МВР немаат информации за лица вратени од Италија кои не ја почитуваат препораката.

“Досега нема такви пријави, затоа е овој телефонски број и меил, граѓаните да можат да прашуваат и да пријавуваат секакви случаи на непочитување на одлука на Влада, за да може МВР веднаш да реагира”

Чулев упати и апел до граѓаните да се воздржат од патувања, а на оние кои веќе се во странство, им порача да не се обидуваат да се вратат во Македонија, бидејќи можат да бидат заглавени на граничните премини.

Со граѓаните кои чекаат влез во земјава, ќе се постапува согласно со препораките, дополни Чулев.

“Имаме најава за влез на повеќе од 200 лица со автобуси и приванти возила, кои биле заглавени на гранични премини. Во текот на денот, се очекува нивно пристугнување. Ако се утврди нестандардна состојба, ќе се постапи според насоките од Министерството за здравство“

Во текот на денот медицинска екипа ќе ги посети и затекнатите лица во Маврово и во Ростуше, со цел безбедно да ги напуштат викенд куќите. Доколку добијат дозвола, овие лица ќе бидат извлечени надвор од загрозената зона.

Во обид за почитување на препораките за седење дома се впушти и општина Чаир, каде што синоќа специјално возило со мегафон упатуваше апел граѓани да не ги напуштат своите живеалишта.