Полицаец од Битола возел со активна забрана, пијан и со двојно поголема брзина

Полициски службеник возел со активна забрана за управување, двојно побрзо од дозволеното и под дејство на алкохол. Ќе одговара кривично. 

- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до ОЈО Битола поднесе кривична пријава против Д.М. на работно место „полицаец“ во полициската станица за ГП и ГН Меџитлија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, предвидено и казниво по член 297-а став 2 од Кривичниот законик.

Пријавениот, надвор од работното време, на 01.04.2026 на ул. „8 Септември“ во Битола управувал патничко моторно возило „бмв“, во лична сопственост, во време кога имал активна забрана за управување со моторно возило од „Б“ категорија. Покрај тоа, возилото го управувал со брзина од 98 км на час во населено место каде дозволената брзина била 50 км, со присуство на алкохол во организмот од 0.73 промили, соопштија од полицијата. 

По насоки дадени од страна на јавен обвинител, моторното возило е одземено.

Одделение за внатрешни криминалистички работи, криминалистички истраги и професионални стандарди против Д.М. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муниција и упатување на задолжителен психијатриски и психолошки преглед.