Скопје се искачи на петото место во светот по загаденост на воздухот, според листата на Ајкју Ер (IQAir).
Бројките покажуваат дека воздухот е опасен за дишење, а индексот на загаденост е 169. Пред нас се само Лахор (Пакистан), Делхи (Индија), Багдад (Ирак) и Ханој (Виетнам).
Дури седум милиони луѓе во светот годишно умираат како последица на загадениот воздух, покажуваат проценките на СЗО. Лекарите укажуваат дека загадениот воздух ги загрозува речиси сите витални системи на човечкото тело и буквално го „напаѓа“ секој орган. Околу една петтина од смртните случаи од мозочен удар, срцев удар и коронарна артериска болест се предизвикани од загаден воздух, а исто така предизвикува аритмија, конгестивна срцева слабост и покачен крвен притисок. Во извештаите на СЗО се наведува и дека е поврзан со рак на белите дробови, мочниот меур, дебелото црево, бубрезите и желудникот, како и со леукемија кај децата.