Покривот на Градскиот трговски центар ќе стане пријатна зелена оаза

На површина од околу 1.800 метри квадратни терасата на Градскиот трговски центар во Скопје , што гледа кон плоштадот,  ќе се претвори во пријатен зелен парк, финансиран од Град Скопје, а со поддршка на УНДП.

Терасата на предната страна од Градскиот трговски центар во Скопје до лето треба да се претвори во пријатна зелена оаза, која граѓаните ќе можат да ја користат за одмор и рекреација.

Предвидени се неколку водени површини, патеки, зелен простор , клупи за седење, кафуле и други содржини во корист на граѓаните, но просторот ќе биде и ограден заради безбедност.

„Ова е прв ваков проект каде се прави зелен покрив по примерот на другите европски градови, а треба да придонесе за намалување на температурата во центарот на градот за време на летните горештини“, смета градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Имено, кога температурата на плоштадот „Македонија“ е 27 степени Целзиусови, на покривот на ГТЦ температурата изнесува 37 степени, покажала неодамнешната студија за „жешки објекти“ во центарот на Скопје.

За изградба на проектот ќе биде користена најнова технологија, а изведувачот ќе го бира УНДП, додека Градот го финансира проектот кој чини околу 33 милиони денари.

Овој зелен кров, според Шилегов, значи дека ова место повеќе нема да биде едно од најтоплите места во Скопје и дека од место кое луѓето го избегнувале, ќе стане катче во кое луѓето ќе уживаат.