Покрај Бадев и Атанасовски, Кисела Вода ќе добие два нови споменици

Спомениците на Никола Бадев и Пеце Атанасовски официјално се поставени на 28 декември 2017 година, а нивната сума изнесува вкупно 1.200.000 денари, велат од општина Кисела Вода за „Фокус“.

Од таму додаваат дека нивното поставување е согласно „Програмата за поставување спомен-обележја во Општина Кисела Вода“ во периодот 2014-2019 година.

„За двете спомен – обележја Советот на општина Кисела Вода донесе Одлука за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен-обележје, согласно Законот за меморијални споменици и спомен – обележја. Одлуките се објавени во Службениот гласник на општината и истите се достапни на веб-страната. Поставувањето на спомен – обележјата е предвидено и во Годишните програми за работа на Одделението за култура во општината, за изминатиот период“, велат од општината.

Освен Бадев и Атанасовски, во Кисела Вода ќе се подигнат и споменици на Ангел Димовски, загинат борец од Шпанската граѓанска војна 1936/37 година, како и на Атанасе Јорјица, поранешен жител на општина Кисела Вода и познат пејач и борец за правата на Власите.